Интернет-гигантот Google и француската фармацевтска компанија Sanofi најавија дека заедно ќе инвестираат за помош на заболените од дијабетес. Соработката меѓу Sanofi и здравствената подружница на матичната компанија на Alphabet, Verily, ќе биде фокусирана на лечење на луѓето кои живеат со шеќерна болест. Нема многу детали за производите на заедничката компанија и за датумот кога ќе се појават на пазарот, но познато е дека ќе се комбинира клиничкото познавање на фармацевтската компанија и мини уреди на технолошкиот гигант.
„Почетната фаза вклучува спојување на постојните производи, првите иновации може да се очекуваат порано отколку кога истражувачката програма почнува од нула“, велат од одделот на Sanofi за дијабетес.
Заедничкиот проект ќе се вика Onduo и на почеток ќе се фокусира на дијабетес од типот 2, кој е почест облик на болеста на глобално ниво. Понатаму истражувањата ќе се прошират и на дијабетес од типот 1, односно автоимуното пореметување кое повлекува секојдневно примање на инсулин.
Во заедничкиот проект Sanofi има инвестирано 248 милиони долари, а Verily ќе инвестира исто толкава сума. Седиштето на новата компанија ќе биде во американскиот град Cambridge во близина на Бостон, кој е центар на глобалната биотехнологија и фармацевтската индустрија.
Verily е производ на Лабораторијата X на Google, а веќе соработува со други фармацевтски гиганти како Johnson & Johnson и GlaxoSmithKline.
(16 Sep, 2016.текстот е превземен од http://www.inovativnost.mk/?p=20165)