Добро е да се знае дека постојат апарати, глукомери кои го мерат нивото на шеќерот во крвта за една минута. Уште подобро пак е тоа, што веќе има глукомери кои нивото на шеќерот во крвта го мерат за 5 секунди. Но, тоа што постојат апарати т.е. системи за БЕЗБОЛНО континуирано мерење на шеќер во крвта е повеќе од фантастично.
Овие системи, познати како CGMS (Continuos Glucose Monitoring System) кои во светот последниве неколку години вртоглаво влетаа во третманот кај дијабетес тип 1, кај нас се’ уште остануваат во сферата на научно-фантастичното.
Кај дијабетес тип 1 за да се постигне добра регулација, односно да се одржува нивото на шеќерот во нормални граници, мора да се воспостави баланс помеѓу количината на храна, единиците на инсулин и физичката активност. Нивото на шеќер во крвта до неодамна се мереше исклучиво преку крв, што и денес е најпрецизна метода. Но, што се подразбира под оваа метода и колку често таа се практикува, а како ПРВА И ОСНОВНА СМЕРНИЦА кон оние, гореспоменатите – нормални граници на нивото на шеќер во крвта? Добро регулираните дијабетичари, мораат да се боцкаат најмалку шест пати дневно, децата по дифолт уште 4-5 боцкања плус, а тоа боцкање е болно, незгодно, остава трајни последици на прсти и прстиња. За хигиенскиот аспект, не би во оваа прилика.
Системите за CGMS се далеку од Македонија. Но ние најдовме канали и каналчичи, односно начини кои воопшто не се едноставни и уште помалку ефтини, како да ги обезбедиме за нас, а пред се’ за нашите деца. И што е најважно, знаеме како функционираат CGMS или сиситемите за БЕЗБОЛНО континуирано мерење на шеќер. Со два збора: функционираат одлично!
На кој начин CGMS и fGMS (flash Glucose Monitoring System) го мерат нивото на шеќерот?
Овој, релативно нов метод на континуирано 24часовно, БЕЗБОЛНО следење на гликозата, кој во последно време станува се попрецизен благодарејќи на вештачката интелегенција вградена во системите, мерењата т.е. скенирањата на шеќерот ги врши од интерстицијалната или меѓуклеточната течност во организмот. Иако оваа течност е значително погуста, па нивото на шеќерот во неа и поспоро се менува, сепак вметнатата вештачка интелегенција во овие системи, покрај мерењето на шеќерот ни дава и показатели т.е. трендови на идно движење на шеќерот во крвта – дали тој ќе биде стабилен, односно дали ќе расте или паѓа и дали тие падови и растови ќе бидат спори или нагли: предвидување на хипо или хипергликемии! Уште еднаш, овој пат со еден збор: фантастично!
Постои разлика во начинот на мерење со CGMS како што е американскиот Dexcom на пример и, fGMS каков што е FreeStyle Libre. Кај CGMS постои плус додадатен дел – трансмитер, покрај сензорот и читачот. Преку тој трансмитер сензорот мерејќи ја гликемијата од меѓуклеточната течност праќа информација до читачот на одалеченост од максимум неколку метри. Исто така, овие системи имаат и можност за подесување на аларм кој се активира при хипогликемија и подесената вредност за хипергликемија. Секако, овие предности на CGMS значително влијаат и врз цената на системот за континуирано мерење на шеќер. Само како за информација, првичниот пакет на Dexcom со 2 сензори, читач и трансмитер чини приближно 1000 евра. Најблизу до нас го има во Словенија.
FreeStyle Libre – fGMS
FreeStyle Libre е систем кој преку сензор во облик на поголема нитна, константно вметнат во кожата го отчитува нивото на шеќер во меѓуклеточната течност и притоа вредностите ги отчитува на “тач-монитор” со големина на мал мобилен телефон.
FreeStyle Libre системот се состои од два дела: читач и сензор.
Читачот ги прикажува податоците на мониторот и има меморија на податоци од изминатите 90 дена. Во моментот на мерење т.е. скенирање или читање на гликозата преку сензорот, најбитен податок е моменталнато ниво на шеќер кое е прикажано со голема бројка, како и идниот краткорочен тренд на движење прикажан со стрелка (читачот покажува пет трендови) и, увид во изминатиот осумчасовниот графикон на движење на шеќерот. Читачот исто така има и улога на глукомер – мери гликоза од крв и кетони со комбинирање на FreeStyle лентички.
Сензорот има големина на 5денарка, а во неговата средина се наоѓа тенка еластична игличка која оди под кожа. Се аплицира многу едноставно со помош на апликатор брзо и потполно безболно. Еден сензор трае точно 14 дена и потоа се гаси. Сензорот врши отчитување на шеќерот секоја минута, односно за 24 часа скенира 1 440 пати. Значи, кога и да поминете со читачот врз него, тој ќе ви го покаже нивото на шеќерот. Сензорот е дискретен и практично може да се постави на сите места каде се инјектира и инсулин. Исто така е и водоотпорен.
Комуникацијата помеѓу сензорот и читачот се врши со помош на NFC технологијата (Near Field Communication), односно потребно е со читачот да се помине врз сензорот за да се види нивото на шеќерот. Потполно безболна и практична метода. Читачот отчитува и кога сензорот е под облека. За да имаме комплетна слика на движењето на шеќерот додека го носиме сензорот, а и ако поставуваме нов веднаш еден по друг, потребно е да се направат минимум три скенирања за 24 часа.
Како се аплицира и користи FreeStyle Libre: https://www.youtube.com/watch?v=0cXwO9YBJxE&feature=youtu.be
Подготвила: Наташa Деспотовска Димитриевска