Бројот на граѓани со дијабетес драматично расте од година во година. Проценките на Меѓународната федерација за дијабетес се дека до 2040 година бројот на дијабетичари од сегашните 415 милиони ќе се зголеми на 642 милиони. Во државата бројот на возрасни граѓани кои имаат дијабетес е околу 125 илјади односно 12 проценти од целата популација. Дијабетичарите велат дека редовно земаат терапија, водат здрав живот, освен што физички се активни внимаваат на исхраната, одат навремено на закажаните прегледи, меѓутоа укажуваат дека состојбата со недостиг на инсулин и нискиот квалитет изминатите две години е влошена. Бараат редовна и квалитетна испорака. Во пресрет на утрешното одбележување на 14 Ноември, Светскиот ден за борба против дијабетесот, на дијабетичари од повеќе градови им беше измерено нивото на шеќерот во крвта во организација на Здружението за заштита и едукација на дијабетичарите „БУВ”. Оттаму апелираат да се подигне јавната свест за дијабетесот како и да се преземат мерки за превенција и подобро справување и едукација на дијабетичарите. Од меѓународната федерација за дијабетес, сметаат дека околу 8,8 проценти од возрасната популација има дијабетес, од кои 95 проценти отпаѓаат на дијабетес тип 2. Овој пораст е поврзан со економски развој, популација која старее, промени во исхраната и намалена физичка активност. Еден од главните фактори за пандемијата на дијабетес тип 2 е прекумерната телесна тежина. На светско ниво, само речиси 6 проценти од луѓето со дијабетес ги постигнуваат посакуваните резултати.
(Вероника Мароска Леова-текстот е превземен од http://www.alfa.mk/News.aspx?ID=115315#.WCjKF_orLIX)сликата е превземена од Доктори.мк