Јас, мојата ќерка и дијабетес

1982

Додека ја расчистував собата на ќерками приметив изгужвана тетратка со напишани гликемии и колку единици инсулин ставила за оброкот што го изела  и на кратко ме преплавија јаки емоции, радост мислејќи конечно ќе разбере колку е тоа важно! Сигурно се чудите како може да се радувам на такво нешто после 5 години дијагностициран дијабетес.
Март 2011 година мојата ќерка имаше неполни 14 години кога лекарите и дијагностицираа тип 1 дијабетес и Хашимото.Ете тој ден целиот живот ми се смени. Првата недела мојата ќерка која имаше фобија од игли моравме да ја учиме како сама да инјектира инсулин. Беше болно да се гледа нејзината немоќ и страв неразбирајќи потполно што и се случува. Се сеќавам кога излеговме од болница седнавме на ручек јас и моите две ќерки, бидејќи мојот сопруг во тоа време  работеше надвор од Македонија, ги погледнав и двете и се запрашав како понатаму. Долго време, се борев со чуство на вина, дали јас не успеав да ја сочувам од стрес, дали не се грижев доволно добро. Иако веќе мојот сопруг имаше дијагностициран дијабетес 11 години пред тоа и имав доста информации околу дијабетесот, сепак се чуствував како да е нешто за кое слушам прв пат во животот. Навистина бев изгубена. Сите информации ми беа измешани во главата. Лебни единици, хипо-хипер гликемија кетоацидоза…Само знаев дека ми предстои тежок период. Имав тинејџерка со веќе стекнати навики и следеше период на одвикнување од некои навики.
Одкако поминав тежок период на прифаќање, жалење, самообвинување,  одлучив да застанам цврсто на нозе, да се наоружам со знаење зашто знаев само на тој начин  ќе можам да и помогнам. Почнав да комуницирам со родители кои поминале низ истото. Не се устручавав да побарам да се видам со некои од нив кои не ги познавав, јавувајќи се на сосема непознати луѓе со кои делевме иста судбина.
Почнав да учам за правилна исхрана за дијабетес. На 48 години се запишав на магистерски студии по Нутриционизам. Беше тешко но и бев пример и мотив за помладите магистранти поради причината за која бев запишана која и ми даде волја да научам нешто повеќе за исхрана на дијабетичари. Почнав да пратам семинари за дијабетес преку интернет, да читам за достигнувања во оваа област, да волонтирам во здруженија дури бев волонтер организатор на лица со тип 1 дијабетс а и сама земав учество  на скопскиот маратон. Живеев  24/7 ангажирана се околу дијабетесот а сепак резулатите на мојата ќерка не беа сјајни. За 5 години немавме ниеден HBA1C под 7.
Се прашував каде грешам. Имаме прекрасeн ендокринолог и цел еден посветен тим позади нас. Докторот на мојата ќерка даваше и сеуште дава надчовечки напори да и помогне и повеќе од што некој би направил. Тогаш што не беше во ред? Ете тоа е енигмата. Ние родителите, мислејќи дека доколку сите научиме како да се справиме се лажеме дека секогаш и нашите деца ќе научат да живеат со тоа и дека ќе  бидат дисциплинирани како што би посакале ние. Но забораваме дека имаме деца кои сакаат слободата, не сакаат правила, дисциплина, како што е случајот со мојата ќерка.Впрочем  и во школо не се сите ученици одлични.Тогаш зашто мислев дека  во ова сите би биле најдобри во справување со состојбата во која се нашле несакајќи. Често пати легнување без да измери шеќер, често заборавање да стави инсулин за изеден оброк, или ставање инсулин на “око’’ без да се искалкулира колку јаглехидрати треба за храната,прескокнување на оброци, нередовно јадење, сето тоа ме збудалуваше. Почнав да ја прашувам секојдневно :измери шеќер, јадеше, пред излегување зема нешто слатко? Чуствував дека ја иритирам со тоа прашање. Ме избегнуваше како јас да бев огледало на болеста. Како тогаш не сватив дека она сака да биде обична тинејџерка која барем еден ден нема да ги гледа тие игли од кои имаше страв и дека ја посакува слободата што ја изгуби засекогаш. Се тешев, си велев морам вака. Што ако нешто се искомплицира, ако еден ден ми каже зашто ме остави, па јас бев само дете?
Бев навистина исцрпена,тажна. Највеќе кога ќе слушнев некоја мајка како вели дека нејзиното дете нема проблеми со тоа дека редовно мери, јаде. Се чуствував како лоша мајка која не успеала да и помогне на ќерќа и.
Мночу често мислев дека доколку покажам дека имам доверба во неа без да проверам резултати дека ќе биде подобро.  Довербата беше предизвик, слобода за неа која не донесе подобри резултати
Го пишувам ова бидејќи мислам дека треба сите ние кои ги имаме истите проблеми едноставно да си признаеме: нашите тинејџери, деца иако се  најдобри. најпаметни, најзабавни сепак имаат тешкотии да се справат со дијабетесот.
Мојата ќерка беше пример на “Ох, кога ќе научи веќе’?
Кога почна да ја носи пумпата веднаш научи како да ја користи, без проблеми ја носеше и знаеше како да им одговори на некогаш провокативните прашања ти робот ли си? Не се срамеше да носи сензор на гол стомак игнорирајќи ги некогаш љубопитните погледи на децата околу неа. Учествуваше на многу натпревари, претстави, волонтираше во многу невладини организации. Паметна е. Се прашувате како тогаш покрај сето ова би и било тешко  да мери гликемија повеќе од 2 пати дневно и да притисе неколку копчиња на пумпата? Зашто тоа би и било тешко? Некогаш забораваме дека постои и нешто што се вика неприфаќање на некоја состојба.
Дојде време за  на факултет. Сакаше да студира надвор од Македонија. Мојот страв растеше. Дали треба да ја пуштам сама? Како ќе ја пуштам сама. Пред месец дена само слушнав радосно викање: ме примија ме примија. Ја примија да студира во Утрехт во Холандија. Секој родител ќе се радуваше безусловно. Јас се радував со кнедла во грло. Услов за одење беше добар просек. Но овој пат просекот испадна најлош. Кога ги видов резултатие ја погледнав и го видов стравот во нејзините очи. Почна да плаче и за прв пат искрено кажа: Се трудам навистина се трудам колку можам .Неможам да си го објаснам ова  ми рече расплакана.
Тоа е толку човечки помислив..Некогаш за нешто што ни е тешко знаеме дека треба да се направи но сепак не го правиме. За прв пат ја разбрав, но бев тажна. Бев тажна додека не сватив дека многу родители го имаат истиот проблем но некогаш не сакаат да признаат. По социјални мрежи каде обично децата или нивните родители сподлеуваа HBA1C, скоро сите  се за пример. Но што е со нас останатите?
Го пишувам ова отворено бидејќи  мислам дека може да помогне на многу родители кои како мене бараат многу повеќе од своите деца од колку што можат они да пружат.

Јас мислејќи дека сум заштитник на ќерка ми , цело време мислев дека не смеам да си  дозволам нешто лошо да се случи.  Што ако си признаеме дека имаме „нестандардни“ тинејџери и слободно проговориме за ова? Верувам дека еден од друг може многу да научиме
Го мразам фактот дека моето дете мора да се бори за подобри резултати за да оди во колеџот во кој сака и нејзината тешка борба да постигне добри резултати додека нејзините врсници и школски другари се окупирани само со тоа кој ќе им биде цимер? Тажна сум поради тој услов што треба да го исполни но полна со надеж дека ќе научи дека во животот доколку се потруди повеќе, резултатие ќе дојдат. Резулатати кои ќе и овозможат да го живее  својот сон. Ја обожавам мојата ќерка и горда сум на неа што во сите овие години иако не бевме како другите примери со добри резултати ниеднаш не потклекна.

Сватив дека најдоброто што можам да го направам за неа е да престанам да и објаснувам колку бенефит ќе има доколку се грижи, туку да ја сватам и да признаам со неа дека е тешко и да се обидам да и помогнам како она сака, да ја разберам. Сега повеќе ќе ме разберете зашто толку се израдував на таа изгужвана тетратка која ми влева надеж дека се ќе биде добро.

Подготвила: Везире Старова