Подготвил: Марјан Божиновски
Оваа мерка ни кажува колку грама јаглехидрати се асимилираат со една инсулинска единица. Важна е кога треба да одредиме колку единици болусен инсулин ни се потребни за асимилирање на изброените јаглехидрати при оброк.
Да ја означиме со ЈХИ. Се мери во [g/IU], каде што IU означува инсулинска единица.
Се прашуваме како да го дознаеме (ако сè уште не го знаеме) сопствениот јаглехидратно-инсулински однос.
Можеме да го одредиме на индиректен начин, преку едноставна формула, ако веќе ни се познати јаглехидратната осетливост и инсулинската осетливост.
Јаглехидратната осетливост е мерка која ни кажува за колку mmol/L ќе се зголеми гликемијата ако се внесе 1 грам јаглехидрати. Оваа величина е важна за третирање на хипогликемија. Да ја означиме со ЈХО. Се мери во [mmol/L/g].
Инсулинската осетливост ни кажува за колку mmol/L ќе падне гликемијата при внесена една инсулинска единица. Оваа мерка е важна за да можеме да одредиме колку инсулински единици болус за корекција треба да внесеме за да ја спуштиме гликемијата до одредено ниво. Да ја означиме со ИО. Се мери во [mmol/L/IU].
Формулата според која се пресметува јаглехидратно-инсулинскиот однос е:
ЈХИ = ИО/ЈХО
Со зборови, јаглехидратно-инсулинскиот однос е математички количник од инсулинската осетливост и јаглехидратната осетливост.
Бидејќи јаглехидратната осетливост е константа, а инсулинската осетливост е променлива величина, следува заклучокот дека и јаглехидратно-инсулинскиот однос е променлива величина. Односно, се менува правопропорционално со промената на инсулинската осетливост.
Пример 1:
Возрасен со Тип1 дијабетес ги има следните вредности во даден момент:
ИО = 2,5 [mmol/L/IU].
ЈХО = 0,2 [mmol/L/g]
ЈХИ = ИО / ЈХО = 2,5 / 0,2 = 12.5 [g/IU].
Пример 2:
Возрасен со Тип1 дијабетес сака да руча и има изброено/пресметано дека оброкот содржи вкупно 80g јаглехидрати. Неговиот јаглехидратно-инсулински однос е 12.5 [g/IU]. Колку единици болусен инсулин треба да внесе?
Бројот на инсулински единици се пресметува како 80/12.5 = 6.4 инсулински единици. Ако користи пенкало, ќе треба да внесе 7 инсулински единици и да додаде уште 0,6 × 12.5 = 7 грама јаглехидрати во оброкот за да има непроменета гликемија после 3-4 часа од оброкот.