Работна средба на претставници од СЗДМ и министерот за здравство

1804

Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, во текот на вчерашниот ден одржа работна средба со претставници од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија и Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболни нарушувања.

На средбата се разговараше за актуелните предизвици со кои се соочуваат лицата со дијабетес, при што двете страни ја нагласија потребата од континуирано и редовно обезбедување на потребните количини инсулин за сите пациенти во инсулинските аптеки низ државата, со цел пациентите навремено да ја примат потребната терапија.

Од страна на Сојузот беа посочени одредени сугестии за унапредување на третманот на лицата со дијабетес, како на пример континуирано зголемување на залихите на инсулинска терапија и обезбедување соодветни инсулински игли за децата.

На средбата беше потенцирано дека надлежните институции (Агенција за лекови и медицински средства) во рамки на своите континуирани активности за контрола и проверка на квалитетот на инсулинската терапија, стојат на располагање на пациентите доколку имаат било каква дилема околу квалитетот и безбедноста на инсулините.

Претставниците на Сојузот ја потенцираа потребата од едукација на доктори во оваа област кои потоа ќе спроведуваат индивидуална и групна едукација на лицата со дијабетес, со цел соодветно информирање на пациентите за аплицирање на инсулинската терапија, совети за исхраната и животните стилови, итн.

На средбата беше договорено вакви состаноци да се одржуваат на редовна основа, а Министерството за здравство стои на располагање и во континуитет ќе ги разгледува сугестиите на пациентите, со цел во рамки на можностите да придонесе за унапредување на здравствената заштита на оваа категорија пациенти.

Извор: Здружение Дијабетичари Велес