Привремени базални дози

2361

Привремени приспособувања на инсулинските дози
Подготвил: Златко Вуевски     5/2/17

Динамиката на животот понекогаш подразбира невообичаени и непредвидливи активности кои ги нарушуваат и временски поместуваат редовните оброци. Временски нарушените оброци можат да бидат предизвикани и од разни опструкции во нормалното работење на дигестивниот систем, како стомачни вируси, кои оневозможуваат земање на храна. Дополнително, постојат ситуации во кои лицата со дијабетес свесно и планирано се вклучуваат во дополнителни физички активности како искачување на планина, тренинг или натпревар на фудбал или друг поединечен или колективен спорт.

Сите овие ситуации се решливи и дијабетесот во овие случаи не е никаква пречка за преземање на дополнителните физички активности или за избегнување на непредвидените активности кои би довеле до поместување на редовниот оброк.

Да се навратиме на основите на добрата контрола на дијабетесот, која подразбира управување со трите фактори, храна-инсулин-физичка активност.

Во претходната статија беше нагласено дека инсулинските пумпи овозможуваат висок степен на прецизност со прилагодливост на личните преференци на лицето со дијабетес. Ова секако подразбира медицинскиот тим на чело со дијабетологот да знае за вашите лични преференци на прехрамбените навики и нивото на физичката активност. Иницијалното и подоцнежното фино подесување на терапијата со инсулинска пумпа се базира токму на овие ваши информации. Подесувањето на базалните потреби како и факторот на сензитивност и односот јаглени хидрати/инсулин е базиран на ваш просечен ден од аспект на храна и физичка активност.

Ова подесување на инсулинската пумпа за ваш просечен ден никако не значи дека принципот на прилагодливост треба да се заборави, напротив, прилагодливоста е дел од вашето знаење за управување со различните денови кои би подразбирале поинакви прехрамбени потреби или поинаква физичка активност, или и двете.

Не секој ден е ист, а прилагодливоста е вашиот механизам за справување со различните денови.

Сценарио

Никита со друштвото договори искачување на врвот на Водно, близу Скопје. Искачувањето беше планирано за 8 часот наутро.

Никита е на инсулинска пумпа, а во периодот од 7 наутро до 12 часот напладне, базалните потреби му се 1,8 единици/час поради неговите големи потреби од базален инсулин во тој период и поради вообичаениот мал до умерен физички профил на активности во тој период од денот. Тоа се персонализираните потреби на Никита за тој дел од денот, а искачувањето на врвот на Водно би траело два до два и пол часа со умерен до висок физички напор, што значи активност надвор од вообичаената шема на активности, која автоматски подразбира прилагодување на дозата.

Решение е привремено подесување на инсулинската доза преку функциите – Привремен базал (Temporary basal) или Прекинување на доставата (Suspend):

Пример за намалување на базалните потреби е намалување на 50-70% од вообичаената доза во период од два часа, како компензација за зголемената физичка активност.

Секако потребна е повремена проверка на гликемијата при искачувањето на врвот и дополнително привремено подесување на дозата на инсулин со тотално исклучување (Suspend) на пумпата за одреден но кус временски период од 15-20 минути, а по потреба корекција со дополнителни брзо делувачки јаглени хидрати во случај на хипогликемија

Сценарио

Алек активно игра фудбал и кога има повеќе од еден тренинг дневно често добива одложени ноќни хипогликемии.

Решение за Алек е во деновите со два тренинга да се намалат ноќните базали на 70% од номинално поставените вредности.

Инсулинската пумпа дава можност за прилагодување на разни сценарија и разни случувања во денот.

Важно: Привремените подесувања на инсулинските дози се вршат исклучиво во консултација со вашиот лекар а научените знаења за разните сценарија ги применувате во пракса по потреба.