Патување и годишни одмори
Патување со авион
Не се препорачува диетална храна за време на летот бидејќи содржи мала количина на јаглехидрати. Доколку се работи за дете, прашајте дали има детски оброк.
Лекови
- Земете доволно лекови како инсулин, глукагон, ленти за гликемија, батерии, како и ленти за кетони во урина. Се препорачува да се носат два глукометри. Инсулинот и глукагонот потребно е да се чуваат на ниска температура како што е означено во упатството за чување на инсулин. Инсулинот никако не смее да се замрзнува. Најчесто се зема количина на инсулин за 50 проценти повеќе од што е потребен за престојот, поради евентуалните зголемени потреби на инсулин, болест и одложување на враќањето.
- За време на патувањето се препорачува овие лекови да бидат разделени на две места во случај да се изгуби едниот. Инсулинот и лековите не би требало да се транспортираат во карго делот од авионот бидејќи може да бидат изложени на екстремни температури.
Подготовка во случај на болест
- Подгответе посебна торбичка во случај на болест.
- Потсетете се за правилата за време на болест и терапија на хипогликемијата.
- Користете лекови кои се лесни за употреба. Во случај на долг лет, носете со себе количина на јаглехидрати кои може да покријат два или три оброка, како и доволна количина на пијалаци и вода.
- За патувања каде англискиот јазик не се говори доволно, се препорачува потврдата, односно писмото да биде напишано на локалниот јазик или јазик кој се користи во таа земја.
Храна и хигиена
Потребно е да бидете внимателни со храната која ја консумирате. Во земји каде водата и хигиената се со сомнителен квалитет, користете затворена вода и избегнувајте сомнителни ресторани, како и храна која се продава на улица.
ПРОМЕНА НА ВРЕМЕНСКИТЕ ЗОНИ
Потребни се промени на инсулинот за време на патувањето, особено ако се менуваат временските зони. Се препорачува додатно мерење на шеќерот во крвта за време на патувањето.
Прекуокеански патувања и промена на дозата Приспособувањата на инсулинот за време на прекуокеанските патувања потребно е да бидат индивидуални и да се земат предвид следниве работи:
- времетраење на патувањето
- број на часови и временски зони
- време на оброци и застанувања
- вообичаено време на примање инсулин
- време на пристигнување и план за наредниот ден (ноќ или ден).
Земете ги во предвид основните принципи:
- Никогаш не го прекинувајте инсулинот за време на летање.
- Направете додатни мерења на шеќерот во крвта.
- Земете го предвид времето на поаѓање од местото каде полетувате и времето на пристигнување (постои ли временска разлика).
- Поставете аларм за да не се успиете пред летот.
- Бидете подготвени за давање на додатен инсулин со кратко дејство доколку шеќерот во крвта е над 15 ммол/л.
- Бидете спремни за неочекувана хипогликемија.
- Носете со вас додатна храна со јаглехидрати во случај на одложувања или касни оброци.
- Можни се високи вредности на гликемијата поради неактивност.
- Можни се хипогликемии доколку се препокрие дејството на инсулинот со долго дејство и доколку се внесува помала количина на храна.
- Не се препорачуваат посебни приспособувања за летови во Европа или летови кои се пократки од три часа.
- Доколку се патува на запад, денот е подолг (доколку летате од Скопје во попладневните часови, ќе бидете во Њујорк во истото време, истиот ден).
- Доколку патувате на исток, денот ќе биде пократок (доколку летате од Скопје наутро, ќе бидете во Сингапур попладне, односно навечер). Приспособувањата на инсулин се полесни за лицата кои се на повеќекратни инјекции на ден, односно инсулин со кратко дејство пред оброк и инсулин со долго дејство пред спиење.
- Продолжете со земање на инсулин со кратко дејство пред секој оброк на секои 4-6 часа.
- Инсулинот со долго дејство кој се дава навечер, дадете го навечер според локалното време, кое може да биде до 36 часа од претходното примање на инсулин со долго дејство. Доколку времето е пократко од 24 часа по последното примање на инсулин со долго дејство, дадете намалена доза на инсулин.
Приспособувања на инсулин за лица со две или три инјекции:
- Запомнете дека инсулинот треба да се дава на секои 12 часа за време на патувањето, а потоа наутро и навечер на местото на пристигнување. Инсулините со долго дејство треба да се намалат пред спиење за време на летот. Не давајте два утрински инсулина едноподруго, што значи дека доколку претходното давање било на утрински инсулин (најчесто поголема доза), наредното давање на инсулин, доколку би било наутро на местото на пристигнувањето, не ја давајте истата доза. Во овој случај, може да се даде мала доза на инсулин со кратко дејство до наредното примање на инсулин.
Приспособувања за лица на инсулинска пумпа:
- Најчесто базалните дози остануваат исти за време на летот и се даваат болуси за храна и за висок шеќер. Откако ќе се пристигне се менува времето на инсулинската пумпа во локалното време.
Спиење подоцна
Спиењето подоцна е дел од викендите и празниците. Најчесто не се потребни дополнителни промени доколку инсулинот со долго дејство се поместува еден час подоцна. За жал, истото не се случува доколку сакате да спиете подолго време. Спиењето подолго наутро може да предизвика проблем со евентуална хипогликемија доколку инсулинот со долго дејство е активен, или да предизвика хипергликемија доколку инсулинот со долго дејство е потрошен. Ако сакате да спиете подолго, потребна е проверка на шеќерот во крвта. Не се препорачуваат поголеми промени на времето повеќе од два часа. Давање на инсулин со кратко дејство наутро подоцна, може да предизвика препокривање на дејството со наредниот инсулин. Доколку се случи ова, можно е поместување на времето на наредните инсулини со кратко дејство во текот на денот.
Станување порано
Не се потребни дополнителни промени доколку станувањето е до еден и пол час порано. За порано станување, земете го предвид следново:
- Напијте се чај доколку наредните оброци бидат во вообичаеното време или
- Поместете ја целокупната дневна рутина понапред со дополнителна проверка на шеќерот во крвта и прилагодување на инсулинската доза.
Легнување подоцна
Доколку легнувате подоцна, најчесто се препорачува земање на додатен оброк, а количината зависи од активноста. Потребна е проверка на шеќерот во крвта пред легнување при што таа треба да биде над 7 ммол/л. Може да ја намалите вечерната доза инсулин доколку станувате подоцна.
Оброк во ресторан
Доколку излегувате во ресторан или јадете подоцна, можете да го одложите оброкот за времето кое ви е договорено.
КАМП ЗА ДИЈАБЕТЕС
Постојат повеќе причини зошто кампот за дијабетес се препорачува за децата и адолесцентите, како што се:
- Ќе се запознаат со нови лица кои имаaт дијабетес и ќе разберат дека не се само тие кои имаат дијабетес.
- Ќе научат како да бидат независни во грижата за нивниот дијабетес.
- Ќе научат повеќе за дијабетесот.
- Ќе ја зголемат самодовербата за социјални и физички активности.
- Ќе учествуваат во сигурна, квалитетна и забавна програма.
УЧИЛИШНИ ЕКСКУРЗИИ
Децата во основно и средно училиште имаат екскурзии кои траат од 2 до 5 дена. Овие екскурзии се препорачуваат и за децата со дијабетес, но треба да се земат предвид неколку работи.
Подготовка за екскурзија
- Проверете ги знаењата за дијабетес (давање на инсулин, проверка на шеќерот во крв, проверка на кетони и сл.). Ова се основни знаења кои треба да се имаат.
- Осмислете го планот за исхрана за време на екскурзијата. Најчесто физичката активност е зголемена за време на екскурзиите, поради што се препорачува намалување на инсулинските дози за околу 30%.
- Разговарајте со организаторите за храната. Потребно е да се носи додатна храна со јаглехидрати за превенција на евентуална хипогликемија.
- Разговарајте со учителите за дијабетесот. Се препорачува и другарчињата да знаат за дијабетесот и што треба да направат во случај на хипогликемија.
- Еден од учителите треба да биде одговорен за лицето со дијабетес.
- Не заборавајте шеќер и глукагон за третман на евентуална хипогликемија.
- Не заборавајте да овозможите телефонски контакт со вашето дете или учителот за време на екскурзијата за евентуално прилагодување на храната и инсулинските дози
Текстот е превземенен од : “Сé што треба да знаете за ТИП 1 ДИЈАБЕТЕС“; автор Доц. д-р сци Горан Петровски; Октомври 2009, Скопје