Ние имаме дијабетес

2098

Хроника на хроничната состојба

Симптомите беа тука…
Нешто се случуваше, но мислевме ќе помине…
Сепак нешто не е во ред…
Не, таа нема дијабетес…
Но тој е премал за вакво нешто…
Негирање, шок.
Обид да се компензира, да се надополни недостатокот…

Компензација

Тоа е хронична состојба?
Зарем целиот живот ќе прима инсулин?
Многу молчешкум поставени прашања и исто така молчешкум одговорени. Со огорченост, со себеобвинување, со грижа на совест. Како родителот да е крив за состојбата на неговото најмило.
Како да се намали товарот на хроничната состојба на детето? Со споделување на состојбата. Наеднаш, од тој или таа има дијабетес, станува, ние имаме дијабетес.
Како сте? Еве добри сме, просекот ни е 7%
Како сте? Добри ни се гликемиите периодов.
Деновиве вежбаме, па нешто ни паѓаат гликемиите.
Прво лице множина, наместо прво лице еднина. Оти така е полесно. Но, за кого? За родителите или за самото дете?
И таа компензација трае. Во претпубертетските денови, во адолесцентските денови, факултетските денови. И секој обид на веќе зрелата личност да се одвои од презаштитничкиот чадор на родителите произведува дополнителни тешкотии во односите, дополнителен товар, бес. Кај сите.
Хроничната состојба е изговор за нарушување на приватноста на детето, изговор за намалување на стандардите на однесување или постигнување во училиште. Изговор да се биде беспоговорно присутен во сите сфери на животот на детето. При тоа ширејќи страв, обврска, вина, доколку детето не се води според критериумите на родителот.
Не!
Ние немаме дијабетес. Тој или таа има дијабетес.
Тој или таа со дијабетес ги имаат сите права како и сите други деца.
Тој или таа со дијабетес ги имаат сите права како и сите други возрасни.
Кога детето што има дијабетес е мало, и не е доволно ментално зрело да ги научи сите протоколи околу дијабетесот, родителот го има тој капацитет и одговорност да се грижи за детето, но, како што детето расте, потребно е знаењата да се пренесат и да се стекне навика за живеење со дадената состојба. Со тоа се живее долго, среќно и здраво.
Изборот е ваш дали на детето со дијабетес ќе му пренесете среќен и здрав живот или вина и мизерија.
Не е срамота да се констатира ниту пак да се каже дека моето дете има дијабетес.
Не сите индивидуални искуства се исти па дури и слични со текстов, но доколку се, не е срамота да се побара помош, разговор, со луѓе кои сево ова го поминале, со луѓе стручни лица кои знаат како да ви помогнат.
Единствен квалитетен живот кој може да се даде на човек со дијабетес е неговата едукација. Неговото или нејзиното знаење да се справува со разни придружни состојби на дијабетесот, како хипогликемија, хипергликемија, добра гликемиска контрола. Неговото или нејзиното знаење на броење јаглени хидрати на оброците. Тоа знаење и само тоа знаење ќе донесе квалитет во животот на лицето со дијабетес, квалитет на социјалниот живот, квалитет на личниот живот, задоволство, радост, исполнетост.
текстот е превземен од : https://poinaku.blogspot.mk