Масти

2614

Мастите се макронутриенти кои имаат како енергетска така и градбена и функционална улога во организмот. Во нив исто така влегува широк спектар на молекули како триглицеридите, холестеролот, фосфолипидите и други молекули на масти кои можат да имаат различни функции во организмот како градбена компонента на секоја клеточна мембрана, молекули од кои се создаваат витални хормони и витаминот Д, можат да бидат искористени за добивање на клеточна енергија и друго.Сите масти што ги внесуваме преку храната, мастите од растително или животинско потекло се составени или се синтетизираат од молекули на масни киселини. Во однос на степенот на заситеност на молекулите масните киселини можат да бидат заситени (вообичаено тоа се мастите од животинско потекло) и незаситени (моно и полинезаситени, што вообичаено имаат растително потекло). Човековиот организам е способен за синтеза на одредени  масни киселини кои имаат физиолошка функција, но некои, таканеречени есенцијални масни киселини како Омега 3, 6 или 9 масните киселини можеме да ги добиеме единствено преку исхраната. Во овој контекст накратко би ја споменале само важноста на Омега 3 есенцијалните масни киселини како АЛА алфа-линолеичната киселина) која најмногу се наоѓа во семињата и јаткастите плодови и го одржува здравјето и проодноста на крвните садови. Омега 3 ЕПА (Еикосапeнтаеноична киселина) и ДХА (докосахексаеоничната киселина) се Омега 3 масни киселини кои се добиваат од масните морски риби (рибиното масло) и масла добиени од други морски животни (ракчиња, лигњи и др.) како и од алгите и тие помагаат во одржување на интегритетот на клеточните мембрани, имаат изразени анти-воспалителни својства и овозможуваат правилна функција и развој на нервното ткиво и мозокот.

Превенција и намалување на воспаленијата во организмот условува балансиран внес на Омега 3 и Омега 6 масните киселини во сооднос од 1:3 (1:4), што се постигнува со намалување на внесот на про-инфламаторните, рафинирани растителни масла (маслото од пченка, сончоглед и репка, богати со Омега 6 масни киселини) а поголем внес Омега 3 масните киселини од растителни и животински извори.

И покрај повеќе децениската негативна кампања треба да се истакне дека холестеролот е есенцијална молекула со витални метаболитички функции (синтеза на витамин Д, синтеза на стероидните хормони, интегритет на мембраните и др.) која ја создава црниот дроб за потребите на организмот, а диететскиот холестерол игра многу мало влијание во севкупниот липиден статус на организмот. Иако најголемиот дел од мастите во исхраната имаат позитивна физиолошка улога, внесот на сите процесирани (денатурирани) масти како што се хидрогенизираните, транс мастите, полиризираните или оксидираните масти внесени преку хранат имаат исклучиво токсична и воспалителна улога и треба  во целост да се исклучат од исхраната.

Подготвил : Сашко Дрвошански