Во услови на COVID-19 постојат реални предизвици за контролирање на дијабетесот – прво, заради лимитираниот физички пристап до здравствени услуги, второ и заради самата природа на хроничната состојба дијабетес. Овозможување на електронски начин на комуникација (брзо и кредибилно), преку советување со стручни лица, и споделување на медицински валоризирани информации, во голема мера би им помогнало на лицата со дијабетес за воспоставување и одржување на добра контрола на дијабетесот и превенирање на штетни последици при евентуални инфекции, во случајот со вирусот SARS-COV-2.
Лицата со дијабетес мелитус тип 1 (јувенален, односно комплетно инсулинозависен), при што е исклучително важно првенствено децата со дијабетес тип 1 преку нивните родители како прва, непосредна линија на справување со оваа состојба, треба и мора да имаат можност квалитетно да се соочат со евентуалниот предизвик.
Токму затоа Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс Мк поднесе проектна пријава на повик на Владата за финансиска поддршка за здруженија и фондации за мерки за справување со COVID-19 кризата.
Благовремена информативно-едукативна превенција, воспоставување и одржување на добра контрола на дијабетесот во услови на COVID-19 е исклучително важна за сите лица со дијабетес тип 1.
Креирање на електронска платформа за комуникација пациент- медицинско стручно лице (доктор ендокринолог-дијабетолог, психолог, мед.сестра), изработка и вопоставување на интерактивни едукативни модули за лица со дијабетес (со фокус на вештини за самосправување со дијабетес во услови на COVID-19), креирање на мобилна апликација која во зависност од индивидуалната инсулинска сензитивност ќе го одредува соодносот на јагленохидратните единици наспрема инсулински единици и изработка и вопоставување на интерактивни едукативни модули за психолошка поддршка како суштествена од аспект на родителска грижа кај деца со дијабетес тип 1 и кај лица со дијабетес тип 1 во услови на пандемија со COVID-19, се основните замисли на овој проект.
Извор:БАЛАНС МК – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија