Инсулински пумпи

2974

Што треба да знам за инсулинската пумпа
Подготвил: Златко Вуевски     5/2/17

Инсулинска пумпа е пренослив медицински уред закачен преку штипка-држач на телото, најчесто на ременот од панталоните или друг дел од облеката,  кој континуирано доставува инсулин од резервоарот со инсулин во поткожното ткиво, преку пластична цевка наречена катетер.

Пумпата е компјутеризиран уред со високо софистициран софтвер и хардвер за екстремно прецизна и персонализирана достава на инсулинот. Како таков уред, пумпата може да се програмира за достава на инсулин согласно личните потреби и животен стил на пациентот.

Самиот генерален опис на инсулинската пумпа, веќе ги исцртува контурите на предностите при користењето во третирањето на Дијабетес Мелитус Тип 1, како и целната група на пациенти за кои е наменета. Предностите на користењето на инсулинската пумпа се евидентни како теоретски, така и во пракса кај лица со т.н. “Brittle” или непостојан/нестабилен дијабетес, кај осетливите категории на пациените како бремени жени или мали деца, со подобра гликемиска контрола, подобар HbA1C, а секако и со подобрен квалитет на животот во однос на класичната терапија со инсулински пенкала.

Пумпата доставува инсулин автоматски во позадина за однапред предифинираните базални потреби на лицето,  како и болусна достава, која не е автоматска и  е кориснички зададена пред секој оброк.

Пумпата користи кратко или ултра-кратко делувачки инсулини кои уште се нарекуваат кристални инсулини. Како такви нудат можност за брзо реагирање во случај на покачена гликемија во крвта, со што се намалуваат последиците од несакани посериозни состојби како кетоацидоза. Пумпата не користи долго-делувачки инсулини за својата работа.

Почеток со инсулинска пумпа

Како што веќе беше наведено во воведот на текстот, едни од најважните особини на пумпата се прецизност и прилагодување на личните потреби на пациентот. За да се постигнат овие две цели, потребни предуслови се:

  • Стручен медицински тим составен од лекар дијабетолог и медицински сестри кои ќе го пренесат знаењето за квалитетно управување со дијабетесот,
  • Високо мотивиран пациент спремен за нови знаења, кој ќе ги примени лекциите кон квалитетен живот со квалитетно управување на дијабетесот

По остварување на потребните предуслови, а пред ставање на инсулинската пумпа, пациентот треба да помине серија на обуки за управување и користење на пумпата, при што следува поставувањето на пумпата кое се состои од:

  • Иницијално подесување на базалните вредности на пумпата, со делење на деноноќието на 4 до 6, вообичаено 5 базални периоди, во кои пумпата континуирано доставува инсулин и служи за базалните потреби од инсулин на телото. Иницијалното подесување на пумпата вклучува и подесување на:
    а) факторот на инсулинска сензитивност, односно за колку ммол/л ќе се намали гликемијата во крвта од една единица инсулин како и
    б) колку јаглени хидрати покрива една единица инсулин
  • Фино подесување преку интезивно пратење на гликемиската контрола. По подесување на параметрите на пумпата, гликемијата интезивно се прати преку чести поставувања на системи за континуирано мерење на гликемијата, т.н сензори за континуирано мерење, кои даваат прецизна слика и повратна информација за исправноста или за потребните промени во иницијалното подесување на параметрите на пумпата. Преку серија на итерации на пратење и фино подесувување, се доаѓа до состојба на персонализација на терапијата со инсулин која пак води до намалени екскурзии на гликемиите.

Важно е да се напомене уште еднаш дека иницијалното и финото подесување на пумпата се врши исклучиво од медицинскиот тим, додека мотивираноста на пациентот се огледува во давањето на дополнителните детали, забелешки, предлози во делот на финото подесување кои се од витално значење кон предностите што терапијата со инсулинската пумпа ги нуди.

Секојдневието со инсулинската пумпа

Како што почетните интензивни итерации за постигнување персонализираност и фино подесување ќе ги дадат своите резултати, носењето на сензорите како и интезивната комуникација со медицинскиот тим ќе се намали со текот на времето.

Од друга страна, потребите од повеќекратното мерење на гликемии останува присутно во секојдневието на лицето со дијабетес. Можеби во овој момент ви се наметнува дилемата зошто е потребно повеќекратно мерење на гликемијата во услови кога пумпата е фино подесена. Причините за ова потреба се повеќекратни и е важно да се знаат следните моменти:

  • Привремена промена во прехрамбените навики, на одмор или викенди
  • Привремени други медицински состојби кои го нарушуваат генералното здравје, како на пример хормонални промени од состојби на тироидната жлезда,
  • Хируршки зафати,
  • Промена на телесната маса кои влијаат на параметрите за инсулинска сензитивност и покривање на јаглените хидрати,
  • Промена на годишниве времиња
  • Јадење на нов тип на храна, со непознат број на јаглени хидрати

Промените се дел од животот и како такви се нормални. Инсулинската пумпа ја дава можноста и слободата, промените да се прифатат полесно и да не бидат пречка во секојдневието. Дури и да се згреши во пресметките на оброците, честото мерење ја дава можноста, лесно, со дозирање на корекции на инсулинска доза да се дојде до посакуваната гликемија.

Лицето со дијабетес е веќе оспособено самостојно квалитетно да живее со инсулинската пумпа, а применетото знаење ги дава предностите на смирен и среќен живот и со оваа состојба.

Еден секојдневен факт при користењето на инсулинската пумпа е т.н. „автономија“ која кај инсулинската пумпа е три до максимум четири дена, од едно до друго менување на инсулински сет, за разлика од неколку часа (најчесто 3-4 часа) автономија од едно до друго дозирање со инсулинско пенкало кај интезивираната терапија, со што значително се подобрува квалитетот на животот. Исто така, дозирањето на болусните дози за оброци се лесни, практични, удобни, како дома така и на јавните простори.

Покрај редовното мерење на гликемиите во крвта, мотивираноста на лицата со дијабетес се огледува и во нивното учење и обновување на знаењата поврзани со исхраната како една од трите точки во триаголникот на дијабетесот, храна-инсулин-физичка активност.

Инсулинската пумпа нуди екстремно фино подесување и крајно прецизна достава на инсулин, и оттука, за да контролата на дијабетесот биде добра, потребно е исто такво фино и крајно презицно познавање и примена на знаењата од областа на исхраната. Тука спаѓаат познавањата за јаглените хидрати а при користењето на инсулинската пумпа се користи напредно броење на јаглените хидрати, како и познавања за подесувања на пумпата при разни видови физичка активност, како трчање, планинарење, пливање и слично. На овие страници, секако ќе најдете многу статии околу исхраната и нејзиниото влијание на контролата на дијабетесот.

Со оглед дека станува збор за софистициран уред за терапија на лица со дијабетес, цената често е пречка за помасовна примена на пумпата.

Во Македонија се користат пупми од производителот Medtronic од серијата 5хх и 7хх.