ИНСУЛИНСКА ОСЕТЛИВОСТ

3341

Подготвил: Марјан Божиновски

Оваа мерка ни кажува за колку mmol/L ќе падне гликемијата при внесена една инсулинска единица. Зошто е важна? – За да можеме да одредиме колку инсулински единици болус за корекција треба да внесеме за да ја спуштиме гликемијата до одредено ниво.

Исто така, важно е да се знае дека јаглехидратно-инсулинскиот однос е математички количник од инсулинската осетливост и јаглехидратната осетливост.

Да ја означиме со ИО. Се мери во [mmol/L/IU].

Нè интересира како да си ја дознаеме (ако сè уште не ја знаеме) сопствената инсулинска осетливост.

 Индиректно одредување преку претходно познавање на јаглехидратно-инсулинскиот однос и јаглехидратната осетливост

Јаглехидратно-инсулинскиот однос е мерка која ни кажува колку грама јаглехидрати се асимилираат со една инсулинска единица. Оваа величина е важна кога треба да одредиме колку единици болусен инсулин ни се потребни за изброените јаглехидрати при оброк. Да ја означиме со ЈХИ. Се мери во [g/IU], каде што IU означува инсулинска единица.

Јаглехидратната осетливост е мерка која ни кажува за колку mmol/L ќе се зголеми гликемијата ако се внесе 1 грам јаглехидрати. Оваа величина е важна за третирање на хипогликемија. Да ја означиме со ЈХО. Се мери во [mmol/L/g].

Формулата која ги поврзува сите три величини е следната:

ЈХИ = ИО/ЈХО

Со зборови, јаглехидратно-инсулинскиот однос е математички количник од инсулинската осетливост и јаглехидратната осетливост.

Се разбира, оваа формула има и алтернативнa формa:

ИО = ЈХИ × ЈХО

Со зборови, инсулинската осетливост е математички производ од јаглехидратно-инсулинскиот однос и јаглехидратната осетливост.

Пример:

Возрасен со Тип1 дијабет ги има следните вредности во даден момент:

ЈХО = 0.22 [mmol/L/g].

ЈХИ = 8 [g/IU]

ИО = ЈХИ × ЈХО = 10 × 0.22 = 2.2 [mmol/L/IU].

 “100 правило”

Ако ја знаете вкупната дневна доза (ВДД) на инсулин (болус + базал), тогаш инсулинската осетливост можете да ја пресметате според следната формула:

ИО = 100/ВДД

Ако вкупната дневна доза на инсулин е 40 единици, тогаш инсулинската осетливост е ИО = 100/40 = 2,5 [mmol/L/IU].

 

Корегирање на хипергликемија познавајќи ја сопствената инсулинска осетливост.

На пример, ако моменталната гликемија ви е 12 mmol/L и ако вашата инсулинска осетливост е 2,2 mmol/L/IU, а сакате да ја спуштите гликемијата до 6 mmol/L, тогаш потребни ви се (12-6)/2,2 = 2,7 единици брз инсулин.

За корисници на пумпа, ова е лесно внеслива инсулинска вредност. Но, за оние кои користат пенкала, процедурата е малку покомплицирана. Во овој конкретен пример, може да се внесе или 2 или 3 единици. Ако внесете 2 единици, од 12 mmol/L гликемијата ќе падне на (12 – 2×2,2) = 7,6 mmol/L. Ако внесете 3 единици, по 2-3 часа гликемијата ќе падне на (12 – 3×2.2) = 5,4 mmol/L. Евидентно е дека подобро е да се внесат 3 единици.

 Инсулинската осетливост е ПРОМЕНЛИВА величина

Секој човек има сопствена инсулинска осетливост чија моментална вредност зависи од повеќе фактори.

ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ

Физичката активност ја зголемува осетливоста на ткивата на инсулин . Во периодот од неколку часа по почетокот на физичката активност, исто количество на инсулин има посилно дејство од обично. Во таа состојба, потребите од инсулин се значително намалени (Но, не се исчезнати! Инсулинот е секогаш потребен!). Ова е добра вест бидејќи спортувањето придонесува за подобра регулација на гликемијата.

НАСТИНКИ И ИНФЕКЦИИ

За време на настинки и инфекции, организмот е помалку осетлив на инсулин, па една инсулинска единица покрива помал број јаглени хидрати од обично. За исто количество храна, потребни се повеќе инсулински единици.

ВО ТЕКОТ НА ДЕНОТ

По утринското будење, инсулинската осетливост е најмала во денот. Постепено се зголемува во текот на денот како што физичката активност се зголемува.

МАСНА ХРАНА

Внесувањето на мрсна храна ја намалува инсулинската осетливост 4-6 часа после оброкот. Сигурно сте имале искуства со закаснето покачен шеќер и тоа 5-10 часа после оброк богат со масти. На пример, пица, торта, итн. Најлошо е ако ова ви се случи ноќе.

Еве што се случува (референца1, референца2):

  1. 5-10 саати после внесување на доста масна храна, низ крвта почнуваат да циркулираат СЛОБОДНИ МАСНИ КИСЕЛИНИ и ТРИГЛИЦЕРИДИ.
  2. Слободните масни киселини и триглицеридите предизвикуваат значително намалување на инсулинската осетливост на црниот дроб и на мускулните клетки.
  3. При намалена инсулинска осетливост (т.е. инсулинска резистентност), црниот дроб лачи повеќе шеќер од нормално.
  4. Шеќерот континуирано излачуван од црниот дроб циркулира низ крвните садови и не може лесно да влезе во мускулните клетки поради нивната намалена осетливост на инсулин. Може да имате инсулин во крвта (на пример базален), но не е доволен.
  5. Ако не се внесе доволно болусна доза, или ако не се зголеми базалната доза инсулин, крвниот шеќер континуирано расте и може лесно да надмине 20 mmol/L.