Зошто мерење гликемии во крвта?

3079

Подготвил: Златко Вуевски    5/9/17

Во претходните текстови беше споменуван триаголникот кој го дефинира управувањето со дијабетесот, а е наречен храна-инсулин-физичка активност. При тоа секој од наведените фактори влијае директно или обратно пропорционално на друг фактор. Пример, при зголемување на количината на храна се зголемува потребата од инсулин, или пак при зголемена физичка активност се намалува потребата од инсулин.
При тоа потребно е вредностите на гликемиите да се движат во одредени рамки. Во зависност од старосната група на лицето со дијабетес, препорачани вредности на гликемиите се следните:

Напомена, вредностите се преземени од книгата „Сé што треба да знаете за тип 1 дијабетес “ од Горан Петровски.

Бебиња и деца под 6 годишна возраст 5-12 ммол/л
Деца од 6 до 12 години 4-10 ммол/л
Адолесценти и возрасни 4-8 ммол/л
Пред спиење 7-12 ммол/л

За да се постигнат прифатливите вредности на гликемијата потребно е редовно мерење на гликемијата во крвта. За таа цел постојат многу разновидни решенија за поединечно или континуирано мерење на гликемијата во крвта. Овој текст ќе се задржи на потребата од редовното мерење на гликемијата.

Мерењето гликемии е единствената повратна врска за (не)правилното управување со дијабетесот.

Повратна информација

Мерењето гликемии во крвта е единствената повратна информација која ви кажува дали правилно сте дозирале инсулин според претходно пресметаната порција или ви кажува дали добро сте управувале со физичката активност.

Мерењето гликемии во крвта исто така единствено дава повратна информација дали инсулинската терапија е соодветна или се потребни фини нагодувања на истата. За промената во терапијата секако дека е потребно да разговарате со вашиот лекар и да ги подготвите  информациите од дневникот на мерења, како подготовка на вашата идна средба со вашиот лекар.

Мерењата на гликемиите можат да бидат поединечни, со регуларните уреди за мерење на гликемии кои се наречени глукометри или пак континуирани, како на пример сензори за континуирано мерење. Поединечните мерења на гликемии го имаат тој недостаток да не ја даваат тенденцијата на гликемијата во претходниот или наредниот период како и брзината на промената гликемиите, за разлика од системите за континурано мерење кои покрај моменталната вредност ја даваат и нагорната, надолната или стабилната тенденција или брзината на промената на вредностите.

Со оглед дека постојат многу променливи кои можат да доведат до збунувачки повратни заклучоци, консултирајте се со вашиот лекар во даден период од неколку дена да држите една од променливите на приближно константа вредност, како на пример ист тип на храна или ист тип на физичка активност во дадено време, за да се одреди точната дозата на инсулин.

Честото мерење на гликемии овозможува прилагодување во вашиот ден, преку прилагодување на оброците, инсулинот или физичката активност.

Запомнете дека прилагодувањето е важно за вашата севкупна контрола на дијабетесот.