БАЛАНС МК – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија 21.03.2018 објавува:
Почитувани, го стартуваме Едукативниот караван за броење јаглехидрати. Почнуваме од Радовиш. Базичен сегмент во третманот на дијабетесот бездруго е исхраната и соодветното броење јаглехидрати, како фундаментален чекор во контролата на дијабетесот. Важноста на правилната исхрана, а особено нејзиниот јагленохидратен состав и влијанието на истиот врз нивото на крвниот шеќер, е првата но и суштинска дилема со која се сретнуваат како децата и нивните семејства кога ќе се соочат со дијабетесот, така и сите лица со дијабетес понатаму.
Потребата за броење јаглехидрати е важна за сите луѓе со дијабетес, но особено за оние кои се на инсулинска терапија. Броењето на јаглехидрати во исхраната на лицата со дијабетес е предуслов за успешно справување со секојдневните предизвици со кои се соочуваат овие луѓе и овозможува послободен стил на живот, правилен и нормален раст на децата и адолесцентите кои живеат со дијабетесот, подобра контрола на гликемиите кај секој еден на инсулинска терапија.
Токму затоа, Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс Мк во соработика и со логистика на Здружението на дијабетичари од Радовиш ја организира оваа прва работилница за Броење на јаглехидрати, која во суштина е вовед во Едукативниот караван за броење на јаглехидрати кој треба да опфати десетина градови во Македонија.
За едукативните работилници е подготвена е и посебна едукативно-информативна брошура, веќе рецензентски одобрена од Клиниката за ендокринологија, а посветена на броењето јаглехидрати, односно на нутритивните својства на прехранбените производи, нивниот јаглехидратен состав, гликемиските индекси, практично се она што е од суштинско значење за правилно и соодветно употребување на инсулинската терапија врз основа на јаглехидратното броење. Овој прирачник од триесетина страни ќе биде делен на едукативните работилници.
Едукатор:
Дипл. мед. сестра Татјана Ѓорговски – Универзитетска клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички болести-Скопје
Извор: БАЛАНС МК – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија