“Едукативен караван за броење на јаглехидрати во исхраната-основа за контрола на гликемиите кај дијабетес тип 1“

2259

Инфо-најава за проект на Баланс МК:
Основни информации за проектот

Мотиви
Еден од најважните сегменти во третманот на дијабетесот бездруго е исхраната и соодветното броење јаглехидрати, како фундаментален чекор во контролата на дијабетесот. Важноста на правилната исхрана, а особено нејзиниот јаглехидратен состав и влијанието на истиот врз нивото на крвниот шеќер, е првата но и суштинска дилема со која се сретнуваат сите лица и децата и нивните семејства како на почетокот на дијабетесот, така и понатаму. Потребата за броење јаглехидрати е важна за сите луѓе со дијабетес, но особено за оние кои се на интензивирана (базал-болус) инсулинска терапија и инсулинска пумпа, бидејќи тоа е базичниот предуслов за успешно справување со секојдневните предизвици со дијабетесот и овозможува послободен стил на живот, правилен и нормален раст на децата и адолесцентите кои живеат со оваа состојба.

Цели, целни групи
Тргнувајќи од погоре нотираниот мотив целта на проектот е информирање и едуцирање на децата, нивните семејства и адолесцентите, како и другите повозрасни лица со дијабетeс за неопходноста од познавање на нутритивните карактеристики на исхраната, а особено нивниот квантитативен и квалитативен јаглехидратен состав. Притоа фокусирајќи се на гликемиските индекси на јаглехидратите застапени во разновидните прехранбени производи, како и на нивно правилно броење заради благовремено и соодветно тераписко (инсулинско) покривање.

Опфат на проектот, динамика, едукатори
Во рамки на едукативниот караван, во соработка со повеќе локални здруженија на граѓани – лица со дијабетес, предвидено е да се посетат десет локални средини (градови), во период од март до декември тековнава година. Просторот за одржување на едукациите ќе биде обврска на локалните здруженија, коишто со претходен договор ќе ги прецизираат термините за одржување на едукативните работилници кои се замислени како интерактивни предавања и разговори.
Како едукатори веќе се обезбедени соодветни лица, здравствени работници од Скопје од областа на ендокринологијата – со посебна специјалност – дијабетес. Имено веќе е договорено со Клиниката за ендокринологија во Скопје едукаторите да бидат претежно од оваа институција, а истовремено како едукатори ќе бидат вклучени и медицински лици исто така од областа на дијабетесот од локалните средини каде што ќе се одржуваат работилниците. Покрај ова едукатори ќе бидат и лица со дијабетeс, активисти во Здруженијата на лица со дијабет.

Особено е важно да се напомене дека покрај стручните практични осврти од страна на Баланс МК подготвена е и посебна едукативно-информативна брошура, веќе рецензентски одобрена од Клиниката за ендокринологија, а посветена на броењето јаглехидрати, односно на нутритивните својства на прехранбените производи, нивниот јагленидратен состав, гликемиските индекси, практично се она што е од суштинско значење за правилно и соодветно употребување на инсулинската терапија врз основа на јаглехидратното броење. Овој прирачник од триесетина страни ќе биде делен на едукативните работилници (предвидено е да се остават во локалните здруженија по педесет примероци).

Се надеваме на сесрдна и успешна соработка.

Со почит,
Наташа Деспотовска Димитриевска, претседател на Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија – Баланс МК

Извор: БалансМК – Асоцијација за детски дијабетес на Македонија