ДИЈАБЕТЕС ТИП 1 И СПОРТУВАЊЕ

3571

Подготвил: Марјан Божиновски


За добра регулација на гликемијата важно е да се знаат неколку аспекти поврзани со метаболизмот при физичка активност.

 

1) Што се случува во организмот при интензивна физичка активност?

1а) Улогата на црниот дроб при интензивна физичка активност

При поголем физички напор (трчање, спортување, и др.), адреналинот во крвта го стимулира црниот дроб да излачува поголеми количества гликоза во крвта со цел оптоварените мускули да добијат дополнителна енергија [1], [2]. Ова резултира со зголемена концентрација на гликоза во крвта. Кај лица без дијабетес, панкреасот веднаш реагира со зголемено излачување на инсулин и навремено спречува хипергликемија. Но, кај лица со тип 1 дијабетес, ризикот од хипергликемија се зголемува бидејќи панкреасот лачи недоволно или воопшто не создава инсулин.

1б) Инсулинската осетливост се зголемува

Физичката активност ја зголемува осетливоста на ткивата на инсулин. Во периодот од неколку часа по почетокот на физичката активност, исто количество на инсулин има посилно дејство од обично. Во таа состојба, потребите од инсулин се значително намалени (Но, не се исчезнати! Инсулинот е секогаш потребен!). Ова е добра вест бидејќи спортувањето придонесува за подобра регулација на гликемијата.

Слаба до умерена физичка активност може да предизвика хипогликемија за време или по вежбањето затоа што црниот дроб е незначително стимулиран да лачи вишок гликоза.

2) Умерено vs. енергично вежбање: зар има разлика?!

Научниците дефинираа таканаречен капацитет при максимално вежбање (анг. maximum exercise capacity). Капацитетот при максимално вежбање е дефиниран како максимален волумен на кислород кој се троши при истоштувачко вежбање [2].

Од неколку научни студии идентификуван е таканаречен праг на вежбање. Утврдено е дека доколку лицето кое вежба, надмине 80% од максималниот капацитет за вежбање, во тој случај се вели дека тоа лице практикува енергично вежбање. Научниците откриле дека при енергично вежбање зголемена е веројатноста за хипергликемија поради тоа што црниот дроб излачува значителни количини на гликоза во крвта.

2а) Како да процениме дали вежбаме над 80% прагот?

Не постои едноставен начин да направиме точна проценка. Генерално, вежбањето се смета за енергично, т.е. дека го надминува прагот од 80% во овие и слични случаи [2]:

  • Ако вежбате со константна брзина неколку минути или подолго, како на пример при трчање, возење велосипед или пливање, и ако вашето дишење станува длабоко и доволно брзо да не можете лесно да зборувате со некого, тогаш најверојатно сте на или над прагот од 80%. Во таков случај, вашата гликемија веројатно ќе расте во текот на вежбањето.
  • Ако играте некој енергичен спорт кој вклучува наизмечни промени од кратки интервали на зголемена брзина во периоди со умерен интензитет, како на пример во фудбал, кошарка, борење или тенис, тогаш веројатно вашата гликемија ќе расте во текот на вежбањето.

2б) Регулација на гликемијата при УМЕРЕНО ВЕЖБАЊЕ, т.е. вежбање кое НЕ го надминува прагот од 80%

Ако вежбате со умерен чекор, како на пример обична прошетка, пред почетокот, внесете 15-20 грама јаглехидрати. Мерете ја гликемијата секои 30 минути за да проверите дали е потребно внесување на нови јаглехидрати. Оваа ситуација подразбира дека не сте внеле инсулин 2-3 часа пред вежбањето. Ако сте со пумпа, базалната доза се намалува на половина од нормалната доза. Ако гликемијата ви паѓа под 4.4 mmol/L, исклучете ја пумпата додека трае умереното вежбање [2].

2в) Регулација на гликемијата при ЕНЕРГИЧНО ВЕЖБАЊЕ, т.е. при вежбање кое го надминува прагот од 80%

Ако играте енергичен спорт како кошарка, фудбал, трчање или пливање, НЕ внесувајте дополнителни јаглехидрати пред вежбањето освен ако сте во хипогликемија. Исто така, не ја намалувајте базалната доза на инсулин. За да се чувствувате сигурни, за време на спортска сесија, направете пауза и измерете го шеќерот. Ако е под 5.5 mmol/L, изедете мала количина јаглехидрати (5-10 грама). На крајот од вежбањето измерете го шеќерот и веројатно ќе видите дека е покачен или останал непроменет. Ова изгледа чудно, но голем број научни студии имаат потврдено дека ова е типична реакција на организмот кај тип 1 дијабетес [2].

РЕФЕРЕНЦИ:
[1] http://www.webmd.com/diabetes/news/19991118/diabetics-high-blood-sugar-exercise#1
[2] https://www.diabeteshealth.com/exercise-often-raises-blood-glucose-in-type-1-diabetes/