Дијабетесот и правилниот начин на исхрана

2916

 

Правилната исхрана е еден од најважните фактори за добро регулиран дијабетес. Таа треба да претставува основа за регулација на гликемискиот статус на организмот и да превенира развој на компликации на здравствената состојба, како што се кардиоваскуларните заболувања, нефропатијата, невропатијата и ретинопатијата – најчестите заболувања и компликации што се јавуваат кај лицата со дијабетес.
Многу често лицата со дијабетес и нивните семејства се прашуваат на кој начин треба правилно да се хранат, дали и како можат со помош на исхраната да ги регулираат нивоата на гликоза во крвта и да го подобрат дејството на препишаната медикаментозна или инсулинска терапија.  Иако науката има јасни сознанија и стручните лица,  докторите или нутриционистите, можат да дадат јасни совети и препораки како правилно да се структуира исхраната кај лицата со дијабетес, сепак важно е да се напомене дека не постои таканаречена “one size“ диета, односно начин на исхрана кој би одговарал на сите. Исхраната кај лицата со дијабетес треба да се постави на начин кој ќе обезбеди континуирано снабдување на организмот со виталните макро и микро нутриенти, со цел да одговори на специфичните енергетски потреби на тој организам и да овозможи што подобра регулација и стабилност на нивото на шеќер во крвта во текот на целиот ден. Затоа, покрај генералните, подоле наведени препораки, исхраната на лицата со дијабетес треба да се прилагоди, односно да го земе во предвид начинот на живот, физичката активност, генетските предиспозиции и семејната историја, постоењето на други заболување и други фактори кои можат да влијаат на енергетските и нутритивните потреби на даден организам.
Темел на правилната исхрана за секој човек, вклучувајки ги и лицата со дијабетес е балансираниот внес на макронутриенти (јаглехидрати, протеини и масти).

Макронутриенти или јаглехидрати, протеини и масти

Јаглехидратите обезбедуваат енергија за потребите на метаболитичките процеси во организмот. Тие можат да бидат прости и сложени. Простите јаглехидрати, моно и дисахариди, уште се викаат и шеќери, а во нив спаѓаат гликозата, фруктозата, малтозата, рибозата, сахарозата, лактозата, малтозата и други шеќери од овошјето, зеленчукот, млекото, житарките, шеќерната трска, репка и други извори. Нивната дигестија е кратка и тие за брзо време се апсорбираат во цревата и влегуваат во крвотокот. Во сложените јаглехидрати спаѓа скробот и други недигестибилни јаглехидрати (како целулозата, дигестивните влакна и др.) кои во процесот на дигестија, кој трае подолго време во цревата додека тие се разложат до моносахариди, односно молекули на гликоза. Консумацијата на сложени јаглехидрати кај лицата со дијабетес обезбедува поспора, постепена дигестија и апсорпција на гликозата, а со тоа и постепен внес на гликозата во крвотокот што овозможува постабилно ниво на шеќерот во крвта. Дигестивните влакна се исто така многу важни во исхраната на лицата со дијабетес, бидејки нивното присуство во цревата ја успорува севкупната дигестија и апсорбција на хранливите материи, што повторно придонесува за одржување на стабилно ниво на шеќер во крвта.

Протеините се основните градбени блокови потребни за синтеза на виталнитe клеточни компоненти (за самата структура на клетката, органелите, ензими, хормони, транспортни молекули и др.). Протеините можат да бидат од растително и животинско потекло и во процесот на дигестија се разложуваат до аминокиселини, кои организмот ги искористува за да ги синтетизира специфичните протеини кои се потребни за градбата и функцијата на нашите ткива и органи. Важно е да се истакне дека одредени, таканеречени есенцијални аминокиселини човекот не може да ги создаде и истите мораат да се внесат единствено преку исхраната. Сите протеини од животинско потекло се целосни, што значи ги содржат сите есенцијални аминокиселини, а како најдобри протеински извори се вбројуваат јајцата, месото, рибата и млекото. Треба да се напомене дека во зависност од изворот (начинот на одгледување и квалитетот) животинските продукти можат да бидат исклучително квалитетни извори на протеини и други важни нутриенти во исхраната на лицата со дејабетес. Поголем дел од растенијата содржат нецелосни протеини, но постојат доволни растителни извори на целосни протеини како што се киноата, хељдата, оризот и други житарки, мешунките (како гравот, леќата, грашакот), јатките, семињата, сојата и др.

Мастите се макронутриенти кои имаат како енергетска, така и градбена и функционална улога во организмот. Во нив исто така влегува широк спектар на молекули како триглицеридите, холестеролот, фосволипидите и други молекули на масти кои можат да имаат различни функции во организмот како градбена компонента на секоја клеточна мембрана, молекули од кои се создаваат витални хормони и витаминот Д, можат да бидат искористени за добивање на клеточна енергија и друго. Сите масти што ги внесуваме преку храната, мастите од растително или животинско потекло се составени или се синтетизираат од молекули на масни киселини. Во однос на степенот на заситеност на молекулите масните киселини можат да бидат заситени (вообичаено тоа се мастите од животинско потекло) и незаситени (моно и полинезаситени, што вообичаено имаат растително потекло). Човековиот организам е способен за синтеза на одредени  масни киселини кои имаат физиолошка функција, но некои, таканеречени есенцијални масни киселини како Омега 3 и Омега 6 масните киселини можеме да ги добиеме единствено преку исхраната. Во овој контекст накратко би ја споменале само важноста на Омега 3 есенцијалните масни киселини како АЛА (Алфа линоленската киселина) која најмногу се наоѓа во семињата и јаткастите плодови и го одржува здравјето и проодноста на крвните садови. Омега 3 ЕПА (Еикосапантаенската киселина) и ДХА (Декосахексанската киселина) се Омега 3 масни киселини кои се добиваат од масните морски риби (рибиното масло) и масла добиени од други морски животни (ракчиња, лигњи и др.) како и од алгите и тие помагаат во одржување на интегритетот на клеточните мембрани, имаат изразени анти-воспалителни својства и овозможуваат правилна функција и развој на нервното ткиво и мозокот.
Превенција и намалување на воспаленијата во организмот условува балансиран внес на Омега 3 и Омега 6 масните киселини во сооднос од 1:3 (1:4), што се постигнува со намалување на внесот на про-инфламаторните, рафинирани растителни масла (маслото од пченка, сончоглед и репка, богати со Омега 6 масни киселини), а поголем внес на Омега 3 масните киселини од растителни и животински извори.
И покрај повеќе децениската негативна кампања треба да се истакне дека холестеролот е есенцијална молекула со витални метаболитички функции (синтеза на витамин Д, синтеза на стероидните хормони, интегритет на мембраните и др.) која ја создава црниот дроб за потребите на организмот, а диететскиот холестерол игра многу мало влијание во севкупниот липиден статус на организмот. Иако најголемиот дел од мастите во исхраната имаат позитивна физиолошка улога, внесот на сите процесирани (денатурирани) масти како што се хидрогенизираните, транс мастите, полиризираните или оксидираните масти внесени преку хранат имаат исклучиво токсична и воспалителна улога и треба  во целост да се исклучат од исхраната.

Микронутриенти (витамини, минерали, антиоксиданси)

Досегашната пракса покажува дека, како кај општата популација така и кај лицата со дијабетес, до одредена мера постои релативно балансиран внес на макронутриенти во исхраната. Потребните промени треба да одат во насока на соодветен избор на квалитетни, природно (органски) добиени намирници и малку поголема застапеност на мастите и протеините во однос на јаглехидратната храна која најмногу содржи таканаречени „празни калории“. Но, во исто време генералните истражувања на исхраната на лицата со дијабетес покажуваат голем недостаток, односно многу сиромашен внес на витални микронутриенти во исхраната. Микронутриентите се биоактивни молекули во кои спаѓаат витамините, минералите, антиоксидансите и други молекули кои ја овозможуваат реализацијата на ензимските процеси во организмот и работата на сите органи и органски системи ( тие учествуваат во сите метаболитички процеси).

Следните микронутриенти имаат посебна функција во подобрување на искористеноста на енергијата од макронутриентите, односно оптимизација на метаболизмот на јаглехидрати и на масти, и превенција на потенцијалните оштетувања и компликации познати кај лицата со дијабетес:

Нерегулираните нивоа на шеќер во организмот, односно вишокот на молекули на гликоза кои не се дистрибуирани во клетките се врзуваат со протеини формирајки таканаречени гликациски продукти кои практично се однесуваат како слободни радикали и вршат оштетувања на ѕидовите на артериите и помалите крвни и допринесува до зголемување на крвниот притисок кој е причинител на најголемиот број на компликации при дијабетесот. Од таа причина се препорачува лицата со дијабетес да го зголемат внесот на антиоксиданси во исхраната. Постојат голем број на антиоксиданси присутни во различни прехрамбени намирници, но зголемениот внес на зеленчук и конкретни видови на овошје овозможува оптимален внес на различнивидови полифеноли, флавоноиди и други групи на антиоксиданси како што се антоцијанините (доминантни во бобичестото  овошје), бета-каротенот  и лутеинот (во морковот и зелениот лиснаст зеленчук), кварцетинот (во широк спектар овошје и зеленчук), катекини (во зелениот чај), астаксантин (во лососот и алгите), ликопенот (присутен во доматите и лубеницата), ресваратролот (од грозјето) и други антиоксиданси. Внесувањето на зелка, брокула, карфиол, ротквици и други намирници болати со сулфур (како јајцата , печурките, кромидот, лукот и празот) овозможуваат продукција на глутатион – најмоќниот ендоген антиоксиданс кој го создава организмот. Покрај наведените антиоксиданси важни за превенцијата на невропатија и ретинопатија имаат и алфа –липоичната киселина, моќен антиоксиданс кој го има во органското месо, брокулата, спанаќот и др. извори.   Коензим Q10 е внатре клеточен антиоксиданс кој овозможува производство на енергија во клетките (овозможува оптимална продукција на енергија во циклусот на клеточна респирација).  Намирници богата со Коензим Q10 се телешко и органско месо, риба, јаткасти плодови, брокула, спанаќ, карфиол, семиња и други намирници.   Покрај тоа што треба да се практикува зголемент внес на антиоксиданси, лицата со дијабетес треба да обезбедат и оптимални нивоа на одредени, клучни микронутриенти кои го регулираат метаболизмот на шеќерите и мастите во организмот.

Магнезиумот е важен минерал кој ја зголемува ефективноста на инсулинот, односно го овозможува внесувањето на гликозата во клетката и во митохондриите (клеточни органели во кои гликозата се претвара во енергија). Во услови на инсулинска резистенција и хипергликемија голема количина од магнезиумот се исфрла преку урината, што доведува до недостаток од овој минерал и нарушен метаболизам на гликозата. Најдобри извори на магнезиум се јаткастите плодови, семињата, зелениот лиснаст зеленчук и други видови на зеленчук, рибата, авокадо, бананата, какаото и др.

Биотин  или витамин Б7 ја поттикнува активноста на инсулинот, го овозможува искористувањето на аминокиселините потребни за обнова на клетката, ја намалува продукцијата на гликоза од нејаглехидратни извори од страна на црниот дроб и учествува во други витални клеточни процеси. Најдобри извори на биотин се лососот, свинското месо, црниот дроб, јајцето, сирењето, брокулата, семињата и јатките и др.

Како и витаминот Б7, хромот е минерал кој е есенцијален за метаболизмот на инсулин. Тој ја зголемува активноста или ефикасноста на инсулинот во дистрибуција на гликозата во организмот, со што овозможува помала количина на инсулин поефикасно да ја заврши својата работа. Храна богата со хром е брокулата, аспарагусот, боранијата, интегралниот ориз, печурките, зрнести производи, компирите, бананите, јајцата, квасецот, телешкото и пилешкото месо и други намирници. Исхрана богата со прости шеќери доведува до поголема екскреција на хромот преку урината, што води кон намалена регулација на инсулинот.

Цинкот е минерал кој помага во функцијата на бета клетките на панкреасот, односно во продукцијата и лачење на инсулинот. Храна богата со цинк ги вклучува  јаткастите плодови и семињата, мешунките како грав и леќа, крушите, црвеното месо, јајцата, рибата и морските плодови.

Витаминот Б12 (кобаламин) е витален за создавање на црвените крвни клетки (превенција на анемија) и одржување на нервниот систем. Лицата кои користат метформин за регулација на шеќерот искусуваат недостаток на витаминот Б12. Најдобри извори на Б12 се месото, рибата и јајцата, како и алгите.

Карнитин или витамин Б20 го овозможува внесувањето на масните киселини во митохондриите и нивното искористување за добивање на клеточна енергија. Со тоа оваа молекула ја превенира појавата на кетоацидозата (што се јавува при високи нивоа на кетонски тела и високи нивоа на гликоза во крвта). Најбогати извори на карнитин се месото и млекото, а тој е присутен и во брокулата, зелката, лукот, бамјата, магдоносот, интегралната пченица и др.

Инозитол или витамин Б8 го спречува насобирањето на масните наслаги во организмот, го овозможува интегрирањето на мастите во нервното ткиво и помага во превенција од невропатија кај лица со дијабетес. Храна богата со инозитол се пивски квасец, грашок, праски, ориз, кајсии, зелка, кромид, домати, јагоди и јајца.

Испитувањета исто така потврдуваат дека многу често лицата со дијабетес имаат недостаток на витаминот Д. Покрај другите функции во организмот, витаминот Д е многу важен имуно модулатор чија активност е особено важна кај лицата со дијабетес тип 1 кој има автоимуна основа.

Земајки ја в предвид улогата на микронутриентите во човековиот метаболизам, а особено во регулација и метаболизмот на шеќер и превенција на компликациите што се јавуваат при дијабетес, важно е да се заклучи и да се истакне препораката дека покрај балансот на макронутриенти во исхраната, лицата со дијабетес треба да се погрижат да обезбедат  оптимален внес и на погоренаведените микронутриенти.

Сашко Дрвошански – Нутриционист
Везире Старова – магистер по Нутриционизам