Граѓанското здружение „Лолипоп – Шекерче“ изработи прв Регистер на лица со дијабетес во Велес

2339

Вкупно 5.849 граѓани на Велес имаат дијабетес. Тие се на возраст од 20 до 79 години. Од нив корисници на инсулин се 987 лица или 16,68 отсто. Статистичките податоци говорат за полова структура на дијабетичарите на инсулин според која ,во моментов, 432 се мажи и 555 се жени. Тоа покажува дека потребата од користење на инсулин е поголема кај жените за 12,45 отсто. Исто така најголем бројот од заболените граѓани кои користат инсулин во градот се на возраст помеѓу 55 и 64 години. Станува збор за вкупно 338 велешани. Ова се само неколку податоци кои говорат за алармантноста и потребата од сериозен пристап кон дијабетесот во градот што ги покажува првиот Регистер на лица со дијабетес во Велес. Регистерот го подготви Здружението на лица со дијабетес „Шекерче – Лолипоп“ во Велес.

– Податоците за корисниците на инсулин ги подготви здружението заедно со вработените во аптеката на ЈЗО “Општа болница“ – Велес. Општата бројка на лица со дијабетес е на Институтот за јавно здравје во Велес. Потоа ги изработивме сите податоци кои што се релевантни. Станува збор за податоци кои што во моментов не можат да се менуваат затоа што се заклучени како официјални податоци до средината на месец април, годинава, рече претседателот на здружението, Димче Велев.

Ако овие податоци се споредат со Атласот на Меѓународната федерација за дијабетес тогаш се констатира дека Велес со 13,37 % во рамки на државата е на горната претпоставена граница за опфат на лица со дијабетес во еден град во кои живеат, според официјалната статистика од 2015 година вкупно 43.716 граѓани. Но, скоро со 2 отсто е над светската горна претпоставена граница за лица со дијабетес.

– Седумдесет и едно лице во велес има дијабет од типот 1 и 916 лица се со дијабет од типот 2. Она што сакаме да го потенцираме е дека регистерот содржи податоци според кои вкупно 19 дијабетичари се на возраст од седум до деветнаесет години што изразено во проценти изнесува 10 од граѓани кои се на инсулин, рече Велев.

Од здружението „Шекерче Лилипоп“ порачаа дека дијабетичарите треба редовно да го мерат нивото на гликемија во крвта и редовно да прават профил како и редовно да ја примаат терапијата со тоа што на тропските температури треба да земаат лесна храна.

Ребка Симонова која е член на ова здружение испрати посебна порака до помладите сограѓани со дијабетес кои не треба дополнително да се исцрпуваат и особено да внимаваат каков живот водат.
– Дијабетесот е царска болест. Младите водат по бурен ноќен живот и ако се вработени со сите работни обврски тогаш треба да внимаваат да не се исцрпуваат. Затоа апелирам да имаат редовен и посмирен живот, рече Симонова.

Особено е значајна соработката на сите надлежни институции, организации, матичните лекари и граѓаните со дијабет апелираа од велешкото здружение./У.Ј

Извор: http://duma.mk/region/veles/22758-2017-06-29-13-44-14.html