Досегашната пракса покажува дека, како кај општата популација така и кај лицата со дијабетес, до одредена мера постои релативно балансиран внес на макронутриенти во исхраната. Во исто време генералните истражувања на исхраната на лицата со дијабетес покажуваат голем недостаток, односно многу сиромашен внес на витални микронутриенти во исхраната.
Микронутриентите се биоактивни молекули во кои спаѓаат витамините, минералите, антиоксидансите и други молекули кои ја овозможуваат реализацијата на ензимските процеси во организмот и работата на сите органи и органски системи ( тие учествуваат во сите метаболитички процеси).
Секако предност се дава на внесување на витамини и минерали од храна наместо суплементи.
Можеби сте слушнале дека одредени витамини и додатоци може да го намалат ризикот од дијабетес тип 2. Во моментов немаме докази за да се каже дека ова е вистина. Значи, освен ако не ви е кажано да земете нешто од вашиот здравствен тим, како фолна киселина за бременост, не треба да земате додатоци на своја рака. Подобро е да ги внесете сите ваши витамини и минерали преку храна, со јадење мешавина од различни намирници.(1)
Следните микронутриенти имаат посебна функција во подобрување на искористеноста на енергијата од макронутриентите, односно оптимизација на метаболизмот на јаглехидрати и на масти, и превенција на потенцијалните оштетувања и компликации познати кај лицата со дијабетес:
Земајки предвид дека нерегулираните нивоа на шеќер во организмот, односно вишокот на молекули на гликоза кои не се дистрибуирани во клетките се врзуваат со протеини формирајки таканаречени гликациски продукти кои практично се однесуваат како слободни радикали и вршат оштетувања на ѕидовите на артериите и помалите крвни садови и допринесува до зголемување на крвниот притисок кој е причинител на најголемиот број на компликации при дијабетесот.
Од таа причина се препорачува лицата со дијабетес да го зголемат внесот на антиоксиданси во исхраната. Постојат голем број на антиоксиданси присутни во различни прехрамбени намирници, но зголемениот внес на зеленчук и конкретни видови на овошје овозможува оптимален внес на различнивидови полифеноли, флавоноиди и други групи на антиоксиданси како што се антоцијанините (доминантни во бобичестото овошје), бета-каротенот и лутеинот (во морковот и зелениот лиснаст зеленчук), кварцетинот (во широк спектар овошје и зеленчук), катекини (во зелениот чај), астаксантин (во лососот и алгите), ликопенот (присутен во доматите и лубеницата), ресваратролот (од грозјето) и други антиоксиданси. Внесувањето на зелка, брокула, карфиол, ротквици и други намирници болати со сулфур (како јајцата , печурките, кромидот, лукот и празот) овозможуваат продукција на глутатион – најмоќниот ендоген антиоксиданс кој го создава организмот. Покрај наведените антиоксиданси важни за превенцијата на невропатија и ретинопатија имаат и алфа –липоичната киселина, моќен антиоксиданс кој го има во органското месо, брокулата, спанаќот и др. извори.
Коензим Q10 е внатре клеточен антиоксиданс кој овозможува производство на енергија во клетките (овозможува оптимална продукција на енергија во циклусот на клеточна респирација).
Намирници богата со Коензим Q10 се телешко и органско месо, риба, јаткасти плодови, брокула, спанаќ, карфиол, семиња и други намирници. Покрај тоа што треба да се практикува зголемент внес на антиоксиданси, лицата со дијабетес треба да обезбедат и оптимални нивоа на одредени, клучни микронутриенти кои го регулираат метаболизмот на шеќерите и мастите во организмот.(2)
Магнезиумот е важен минерал кој ја зголемува ефективноста на инсулинот, односно го овозможува внесувањето на гликозата во клетката и во митохондриите (клеточни органели во кои гликозата се претвара во енергија). Во услови на инсулинска резистенција и хипергликемија голема количина од магнезиумот се исфрла преку урината, што доведува до недостаток од овој минерал и нарушен метаболизам на гликозата.
Најдобри извори на магнезиум се јаткастите плодови, семињата, зелениот лиснаст зеленчук и други видови на зеленчук, рибата, авокадо, бананата, какаото и др.
Треба да знаете
Поголема количина на магнезиум во телото се наоѓаат во коските. Ако нивоата магнезиум во крвта се ниски, вашето тело ги користи овие резерви. Недостаток на магнезиум може да доведе до остеопороза.
Препорачан дневен внес 18+ M:420 мг, Ж: мг;(3)
Биотин или витамин Б7 ја поттикнува активноста на инсулинот, го овозможува искористувањето на аминокиселините потребни за обнова на клетката, ја намалува продукцијата на гликоза од нејаглехидратни извори од страна на црниот дроб и учествува во други витални клеточни процеси.
Најдобри извори на биотин се лососот, свинското месо, црниот дроб, јајцето, сирењето, брокулата, семињата и јатките и др.
Бенефит
Тој е коензим за ензими на карбоксилаза. Овие ензими се вклучени во:
– синтетизирање, или создавање на масни киселини
– синтетизирање на аминокиселините изолеуцин и валин
– глуконеогенеза или генерирање гликоза
Биотинот е важен за голем број функции.Корисен е за здрави коски. Некои луѓе користат Биотин за да ги зајакнат ноктите и косата, но недостасува докази што ја поддржуваат оваа употреба.
Неколку студии ја тестираат можноста на биотинот за намалување на гликозата во крвта кај луѓе со дијабетес тип 1 и тип 2.
Во студиите за животни, биотинот се покажа дека го стимулира лачењето на инсулин од панкреасот (кај лица со дијабетес тип 2) и последователно ја намалува гликозата во крвта.
Едно истражувањето објавено во 2016 година посочи дека биотинот може да помогне при контрола на гликемијата кај луѓе со дијабетес тип I.
Ппомага при невропатија
Исто така, може да помогне да се намали оштетувањето на нервите кај луѓе кои имаат дијабетес или кои се подложени на дијализа, заболувања на бубрезите.
Во 1990 година, научниците забележале подобрување на симптомите кај тројца пациенти кои земале голема доза на биотин од 1 до 2 години.
Треба да знаете
Телото преку гастроинтестиналните бактерии може да го синтетизира овој витамин но се уште не е докажано дали може да се апсорбира.
Препорачан дневен внес
М: 30 мкг
Ж: 30 мкг (4.5)
Хромот е минерал кој е есенцијален за метаболизмот на инсулин. Тој ја зголемува активноста или ефикасноста на инсулинот во дистрибуција на гликозата во организмот, со што овозможува помала количина на инсулин поефикасно да ја заврши својата работа.
Храна богата со хром е брокулата, аспарагусот, боранијата, интегралниот ориз, печурките, зрнести производи, компирите, бананите, јајцата, квасецот, телешкото и пилешкото месо и други намирници. Исхрана богата со прости шеќери доведува до поголема екскреција на хромот преку урината, што води кон намалена регулација на инсулинот.
Цинкот е минерал кој помага во функцијата на бета клетките на панкреасот, односно во продукцијата и лачење на инсулинот.
Храна богата со цинк
Црвено месо, живина, остриги и некои други морски плодови, фортифицирани житарици, грав, јаткасти плодови, јајца, семки од тиква, семки од сончоглед, пивски квасец
Треба да знаете
Бидејќи вегетаријанците апсорбираат помалку цинк , експертите сугерираат да добиваат двојно од препорачаниот дневен внес. Исто така се препорачуваа лицата со дијабетес да внесуваат редовно цинк. При недостог на цинк доаѓа до опаѓање на косата, иритација на кожата, чести инфекции
Препорачан дневен внес M:11мг, Ж:8 мг;(6)
Витаминот Б12 (кобаламин) е витален за создавање на црвените крвни клетки (превенција на анемија) и одржување на нервниот систем. Лицата кои користат метформин за регулација на шеќерот искусуваат недостаток на витаминот Б12.
Најдобри извори на Б12 се месото, рибата и јајцата, како и алгите.
Препорачан дневен внес
М: 2.4 мкг
Ж: 2.4 мкг (7,8)
Карнитин или витамин Б20 го овозможува внесувањето на масните киселини во митохондриите и нивното искористување за добивање на клеточна енергија. Со тоа оваа молекула ја превенира појавата на кетоацидозата (што се јавува при високи нивоа на кетонски тела и високи нивоа на гликоза во крвта).
Најбогати извори на карнитин се месото и млекото, а тој е присутен и во брокулата, зелката, лукот, бамјата, магдоносот, интегралната пченица и др.
Инозитол или витамин Б8 го спречува насобирањето на масните наслаги во организмот, го овозможува интегрирањето на мастите во нервното ткиво и помага во превенција од невропатија кај лица со дијабетес. Храна богата со инозитол се пивски квасец, грашок, праски, ориз, кајсии, зелка, кромид, домати, јагоди и јајца.
Испитувањета исто така потврдуваат дека многу често лицата со дијабетес имаат недостаток на витаминот Д. Покрај другите функции во организмот, витаминот Д е многу важен имуно модулатор чија активност е особено важна кај лицата со дијабетес тип 1 кој има автоимуна основа.
Земајки ја в предвид улогата на микронутриентите во човековиот метаболизам, а особено во регулација и метаболизмот на шеќер и превенција на компликациите што се јавуваат при дијабетес, важно е да се заклучи и да се истакне препораката дека покрај балансот на макронутриенти во исхраната, лицата со дијабетес треба да се погрижат да обезбедат оптимален внес и на погоренаведените микронутриенти.
Извор:
- https://www.diabetes.org.uk/preventing-type-2-diabetes/ten-tips-for-healthy-eatinг
- http://forumdiabetes-mk.com/%d0%b2%d0%b0%d0%b6%d0%bd%d0%be%d1%81%d1%82-%d0%bd%d0%b0-%d0%bc%d0%b8%d0%ba%d1%80%d0%be%d0%bd%d1%83%d1%82%d1%80%d0%b8%d0%b5%d0%bd%d1%82%d0%b8/
- https://www.health.harvard.edu/staying-healthy/listing_of_vitamins
- https://www.health.harvard.edu/staying-healthy/listing_of_vitamins;
- https://www.medicalnewstoday.com/articles/287720#health-benefits
- https://www.health.harvard.edu/staying-healthy/listing_of_vitamins
- https://www.health.harvard.edu/staying-healthy/listing_of_vitamins
- https://www.medicalnewstoday.com/articles/219822#foods
Photoshttps://www.health.harvard.edu/staying-healthy/the-a-list-of-b12-food;