Важност на макронутриенти

2165

 

Темел на правилната исхрана за секој човек, вклучувајки ги и лицата со дијабетес е балансираниот внес на макронутриенти (јаглехидрати, протеини и масти).
Јаглехидратите обезбедуваат енергија за потребите на метаболитичките процеси во организмот. Тие можат да бидат прости и сложени. Простите јаглехидрати, моно и дисахариди, уште се викаат и шеќери, а во нив спаѓаат гликозата, фруктозата, малтозата, рибозата, сахарозата, лактозата, малтозата и други шеќери од овошјето, зеленчукот, млекото, житарките, шеќерната трска, репка и други извори. Нивната дигестија е кратка и тие за брзо време се апсорбираат во цревата и влегуваат во крвотокот. Во сложените јаглехидрати спаѓа скробот и други недигестибилни јаглехидрати (како целулозата, дигестивните влакна и др.). Во процесот на дигестија, кој трае подолго време во цревата и тие се разложуваат до моносахариди, односно молекули на гликоза. Консумацијата на сложени јаглехидрати кај лицата со дијабетес обезбедува поспора, постепена дигестија и апсорпција на гликозата, а со тоа и постепен внес на гликозата во крвотокот што овозможува постабилно ниво на шеќерот во крвта. Дигестивните влакна се исто така многу важни во исхраната на лицата со дијабетес, бидејки нивното присуство во цревата ја успорува севкупната дигестија и апсорбција на хранливите материи, што повторно придонесува за одржување на стабилно ниво на шеќер во крвта.

Протеините се основните градбени блокови потребни за синтеза на виталниte клеточни компоненти (за самата структура на клетката, органелите, ензими, хормони, транспортни молекули и др.). Протеините можат да бидат од растително и животинско потекло и во процесот на дигестија се разложуваат до аминокиселини, кои организмот ги искористува за да ги синтетизира специфичните протеини кои се потребни за градбата и функцијата на нашите ткива и органи. Важно е да се истакне дека одредени, таканеречени есенцијални аминокиселини човекот не може да ги создаде и истите мораат да се внесат единствено преку исхраната. Сите протеини од животинско потекло се целосни, што значи ги содржат сите есенцијални аминокиселини а како најдобри протеински извори се вбројуваат јајцата, месото, рибата и млекото. Треба да се напомене дека во зависност од изворот (начинот на одгледување и квалитетпот) животинскте продукти можат да бидат исклучително квалитетни извори на протеини и други важни нутриенти во исхраната на лицата со дејабетес. Поголем дел од растенијата содржат нецелосни протеини, но постојат доволни растителни извори на целосни протеини како што се киноата, хељдата, оризот и други житарки, мешунките (како гравот, леќата, грашакот), јатките, семињата, сојата и др.

Мастите се макронутриенти кои имаат како енергетска така и градбена и функционална улога во организмот. Во нив исто така влегува широк спектар на молекули како триглицеридите, холестеролот, фосволипидите и други молекули на масти кои можат да имаат различни функции во организмот како градбена компонента на секоја клеточна мембрана, молекули од кои се создаваат витални хормони и витаминот Д, можат да бидат искористени за добивање на клеточна енергија и друго.Сите масти што ги внесуваме преку храната, мастите од растително или животинско потекло се составени или се синтетизираат од молекули на масни киселини. Во однос на степенот на заситеност на молекулите масните киселини можат да бидат заситени (вообичаено тоа се мастите од животинско потекло) и незаситени (моно и полинезаситени, што вообичаено имаат растително потекло). Човековиот организам е способен за синтеза на одредени  масни киселини кои имаат физиолошка функција, но некои, таканеречени есенцијални масни киселини како Омега 3 и Омега 6 масните киселини можеме да ги добиеме единствено преку исхраната. Во овој контекст накратко би ја споменале само важноста на Омега 3 есенцијалните масни киселини како АЛА (Алфа линоленската киселина) која најмногу се наоѓа во семињата и јаткастите плодови и го одржува здравјето и проодноста на крвните садови. Омега 3 ЕПА (Еикосапантаенската киселина) и ДХА (Декосахексанската киселина) се Омега 3 масни киселини кои се добиваат од масните морски риби (рибиното масло) и масла добиени од други морски животни (ракчиња, лигњи и др.) како и од алгите и тие помагаат во одржување на интегритетот на клеточните мембрани, имаат изразени анти-воспалителни својства и овозможуваат правилна функција и развој на нервното ткиво и мозокот.
Превенција и намалување на воспаленијата во организмот условува балансиран внес на Омега 3 и Омега 6 масните киселини во сооднос од 1:3 (1:4), што се постигнува со намалување на внесот на про-инфламаторните, рафинирани растителни масла (маслото од пченка, сончоглед и репка, богати со Омега 6 масни киселини) а поголем внес Омега 3 масните киселини од растителни и животински извори.
И покрај повеќе децениската негативна кампања треба да се истакне дека холестеролот е есенцијална молекула со витални метаболитички функции (синтеза на витамин Д, синтеза на стероидните хормони, интегритет на мембраните и др.) која ја создава црниот дроб за потребите на организмот, а диететскиот холестерол игра многу мало влијание во севкупниот липиден статус на организмот. Иако најголемиот дел од мастите во исхраната имаат позитивна физиолошка улога, внесот на сите процесирани (денатурирани) масти како што се хидрогенизираните, транс мастите, полиризираните или оксидираните масти внесени преку хранат имаат исклучиво токсична и воспалителна улога и треба  во целост да се исклучат од исхраната.

Автори:
Сашко Дрвошански
Везире Старова