Бобан Несторовски: шампион во Кик-Бокс и со дијабетес
Бобан Несторовски, претседател на Здружението за заштита и едукација на на лица со дијабетес “БУВ”, кој е професионален кик-боксер и две години по ред е државен шампион во овој спорт, објаснува дека дијабетесот не е пречка луѓето да спортуваат и да постигнуваат врвни резултати. Напротив, вели дека спортот е тој што им помага на луѓето со дијабетес да имаат поздрав и поисполнет живот.
Колку луѓе со дијабетес живеат во земјава, расте ли нивниот број и на што се должи тоа?
Несторовски: Нашето здружение има неофицијален податок дека во земјава има околу 150.000 лица со дијабетес, од кои над 70 отсто се со дијабетес тип 2. Бројот на новодијагностицирани случаи расте секоја година, а бројот на дијабетичари со тип 2 е почест, пред сe, поради нездравите животни навики, односно поради тоа што не внимаваме на исхраната, стилот на животот. Стресот е, исто така, ризик фактор и намалената физичка активност. Она што загрижува е што нашата земја е со највисок процент на лица со дијабетес во регионот, односно околу 10 проценти од вкупната популација. Има многу луѓе што многу доцна откриваат дека боледуваат од дијабетес, а тој е убиец број еден во светот, поради компликациите што ги предизвикува. Кај нас нема регистар колку се починати од дијабетес, бидејќи од самата болест, ако не се лекува правилно, се јавуваат болести на срцето, мозокот, бубрезите, нервите.
Вие активно се занимавате со спорт. Колку дијабетесот влијае на вашата способност за спортски активности, а како, пак, влијае спортот на болеста? Може ли дијабетичарите да спортуваат?
Несторовски: Без оглед дали некој се занимава со спорт или не, ако има дијабетес, мора да има режим на правилна исхрана и да биде дисциплиниран и при оброците и при земањето на инсулинската терапија. Јас конкретно го почнувам денот со тоа што наутро во седум часот се боцкам со инсулин, појадувам, потоа за ручек повторно земам инсулин, а се боцкам и навечер. Притоа, наутро и навечер се боцкам со два вида инсулин или дневно пет пати се боцкам. Тоа е нешто што мора да се прави секој ден до крајот на животот. Во меѓувреме, меѓу оброците и ужините секој дијабетичар, независно од тоа дали се занимава со спорт или не, треба да го контролира нивото на шеќерот во крвта. Во оној момент кога ќе ви го дијагностицираат дијабетесот, комплетно ви се менува животот и мора да создадете навика за режим на правилна исхрана. Лицата со дијабетес не само што може да се занимаваат со спорт туку тоа е и пожелно, бидејќи спортот е клучот за здрав начин на живот. Во земјава, знам уште три-четворица што имаат дијабетес и се спортисти. Јас конкретно сум кик-боксер. Во здружението имаме член што е борач, а од внатрешноста знам и еден дијабетичар што е пливач. Дијабетесот ми го открија во 12-тата година од животот, имам тип 1. Сега имам 31 година, работам и активно се занимавам со спорт. Кога почнував со спортот, докторите од спортска медицина се јавуваа кај моите лекари да прашаат дали смеам да спортувам. Првиот совет што ќе го добиете од вашиот ендокринолог е дека физичката активност е неопходна за да се одржи нивото на шеќерот во нормала. Планираме преку нашето здружение, заедно со клубот во кој тренирам, два пати неделно да држиме часови за дечиња и за возрасни со дијабетес, за важноста на спортот во нивниот живот.
Велите, лекарите препорачуваат спортување. Што се случува во организмот во тие моменти? Се јавува ли зголемена потреба од храна и од шеќер?
Несторовски: Ако физичката активност е редовна, тогаш се одржува балансот на шеќерот во крвта, односно нема нагли скокови и падови. Но се случува додека сум на тренинг или на натпревар, да влезам во состојба на хипогликемија, односно многу да ми падне шеќерот. Затоа, секогаш кога одам на тренинг, носам “кока-кола” со себе, бидејќи таа веднаш го крева нивото на шеќерот. На регионалното првенство во кик-бокс, каде што го освоив второто место, за време на натпреварувањето ми падна шеќерот. Тренерот знаеше за мојата состојба и веднаш ми даде благо за да може да продолжам со натпреварувањето. И за луѓето што спортуваат, но и за оние што не спортуваат, битно е да го мерат нивото на шеќерот во крвта и да примаат квалитетен инсулин.
Колку е тешко кога ќе му се соопшти на дете дека има дијабетес и дека до крајот на животот ќе биде зависно од лекови и од посебен режим на исхрана?
Несторовски: Во тие моменти, многу е битно како семејството ќе ја прифати состојбата на лицето со дијабетес , како и неговото опкружување. Кога ми ја открија болеста, јас имав 12 години и не знаев што значи тоа за мене. Излеговме откај докторот, мајка ми почна да плаче и рече: “Имаш дијабетес”. Но, за сe што ми се случуваше, имав поддршка и разбирање од моето семејство. На мојот ендокринолог сега му велам дека јас не би знаел да живеам без дијабетесот, бидејќи благодарение на него, многу побрзо созреав, многу побрзо разбрав како мора да се функционира во животот, бидејќи секојдневно се борам со работи за кои другите воопшто не знаат. За тоа како ќе се однесува некој кон дијабетесот, многу е важно опкружувањето. Јас имав среќа и моите пријатели и другари да го прифатат тоа како најнормално нешто и на сите уште веднаш им објаснив дека ако се најдеме во ситуација да ми треба инсулин, а да не можам сам да се боцнам, како тие да го направат тоа. Поддршката од семејството да се занимавам со спорт беше клучна за мене, бидејќи во 2014 и 2015 година, со мојот клуб “Гладијатор од Скопје” и тренерот Драган Атанасовски бев шампион во кик-бокс во Македонија, а годинава, на Балканското првенство во Босна, го освоив второто место. Сите предрасуди околу тоа дека ако некој има дијабетес не може да го живее животот како што сака, треба да се заборават.
Колку ве прифаќаат луѓето како лице со дијабетес? Ви се случило ли да бидете дискриминирани по таа основа и има ли такви примери кај членови на вашето здружение?
Несторовски: Дијабетесот не е табу, ниту, пак, на боцкањето со инсулин во јавноста треба да се гледа како на нешто страшно. Јас и на јавни места се боцкам со инсулин, иако има луѓе што чудно ме гледаат. Но, сметам дека нема ништо страшно. Конкретно не ми се случило да бидам дискриминиран по основ на тоа што имам дијабетес. Од сознанијата што ги имаме ние во нашето здружение, децата потешко се справуваат со болеста, бидејќи има дискриминација по основ на нивно згрижување во градинките и во училиштата. На многу од децата што одат во училиште, а мора да примаат инсулин, наставничките им велат да не го прават тоа во училница или на час, туку да излезат и да се боцнат во тоалет. Во Скопје, овој проблем не е толку распространет колку што е во помалите места и градови. Поголем степен на дискриминација има кај дечињата што одат во градинка, бидејќи самите установи немаат доволно кадар, ниту, пак, обучен кадар, одбиваат тие да ги боцкаат децата со инсулин и бараат родителот да дојде и да го направи тоа во периодот кога треба да ја прими терапијата. Секаде во светот во градинките има медицински лица, и сметам дека и во нашите градинки треба да има медицинско лице што ќе може да им помогне на овие дечиња.