Факт е дека динамичните истражувања поврзани сo дијабетесот (тип 1) од година во година нудат низа квалитетни решенија што значително го олеснуваат и помагаат животот на децата, младите и на сите лица со ДМТ1, како и на нивните семејства.
Неспорно е дека сите тие научни и медицински сознанија, пред се, многу ги минимализираат опасностите кои што со себе реално ги носи оваа хронична состојба, независно дали станува збор за дијабетес т1 или т2.
Добро е што дел од тие бенефити можеме да ги имаме и ние овде, во нашата земја, да бидеме во некаков близок контакт со светскиот напредок и случувањата во третманот на дијабетесот. Но за жал, ние овде и понатаму сме принудени да трчаме по светот.
Имено, иако дел од тие научни дострели ги има и кај нас, сепак тие не се израз на системските, туку на индивидуалните напори на лицата со дијабетес. Тука, пред се мислам на техничко-технолошките помагала како CGMS (системи за континуирано следење на гликемија), кои се чини во последно време станаа суштинска алатка за справување со дијабетесот, особено со т1.
Кога ефикасно се одржува HbA1c под <7%, значително се намалуваат ризиците од развивање на компликации. Добро регулираната гликемија која неспорно ја овозможуваат CGMS, за над 50%:
- Ги намалува срцевите заболувања, мозочни удари и кардиоваскуларната смрт
- Ја намалува инциденцата на рани знаци на бубрежни оштетувања и на високи нивоа на протеин во урината (микроалбуминурија)
- Го намалува ризикот од ретинопатија.
Автор
Наташа Деспотовска Димитриевска