Потпишување МЕМОРАДНУМ за соработка помеѓу Министерство за здравство / Ministria e Shëndetësisë и СЗДСМ, со генерална цел за имплеменатција на Националната Програма за справување со дијабетес 2020 – 2030

479
Драги пријатели и соборци,
Ја имам честа, но и обврската, не само во името на членството на Сојузот на здруженија на пациенти со дијабетес, односно на 25 здруженија од сите наши поголеми општини, туку и во името на сите оние 220 илјади лица со дијабетес – за кои што живеењето со дијабетесот е реалност, секојдневие, и се разбира постојан индивидуален ама и семеен животен предизвик, да ги споделам мислењата и ставовите за што треба да направиме, во блиска иднина за превенција и справување со Дијабетесот.
Како човек кој што и лично катадневно се соочува со дијабетесот, како поранешен активист а сегашен претседател на СЗДМ, дозволете ми во предвечерието на Светскиот ден на дијабетесот што под покровителство на Обединетите нации од 1991 година наваму традиционално се одбележува на 14 Ноември, датум што инаку е и роденден на изумителот на инсулинот – големиот Фредерик Бантинг, да нотирам неколку битни точки од суштинско значањ за лицата со дијабетес, за нивната но и за општествената или за институционална борба против дијабетесот, за превенцијата и концептите за нејзино унапредување.
За дијабетесот, независно дали е детски или старечки, како што лаички се дефинира, односно независно дали е тип 1 или тип 2, во изминативе неколку децении не само кај нас тука или во Европа, туку генерално во светот веќе се урнати речиси сите стереотипи, предубедувања, заблуди… Сакам да кажам – проблемот на тие “шеќерашите“ стана јавен, се осозна дека дијабетесот не го бира овој или оној, и конечно луѓето почнаа да разбираат дека таа “куга“ на модерното живеење опасно и интензивно се заканува.
Впрочем, секој 14 Ноември, преку осмислено детектирање и таргетирање на трендовите во борбата против дијабетесот, глобално се наметнуваат суштински нужни прашања и теми во оваа област, како што тоа е случај и годинава. А како да биде поинаку кога денес во светот над половина милијарда луѓе живеат со дијабетесот, притоа не занемарувајќи го фактот дека бројките и предикциите за националните или глобални преваленци за дијабетесот се нималку розови. Доволно е само да апострофираме дека според проценските на Интернационалната дијабетска федерација (IDF) ние како земја или подрачје со оние 11,2 проценти влегуваме во групата на држави со висока преваленца на дијабетесот. Тоа е повеќе од алармантен показател за една динамична прогресија на оваа здравствена состојба. Во тој контекст прашањето односно мотото : Пристап до грижа за дијабетесот – ако не сега, кога?; изгледа сосема логично.
Почитувани,
Во изминатиот период ние кај нас имавме една прилично турбулента состојба чија што синусоида – во поглед на генералното системско справување со дијабетесот – од крајно надолни тенденции почна динамично да се менува кон нагорен правец. И тоа е ноторен факт од кој нема бегање. Ние повторно можеме да се пофалиме со квалитет на инсулинскиот избор кој што воопшто не заостанува од она што е врвен европски и светски стандард и понуда, нешто што е неспоредливо со периодот на таканаречениот “паралелен увоз“ на инсулини надвор од сите елементарни критериуми и мерила, кога нашите гликемии не беа исти, кога нашите компликации беа чести, а последиците тешки како по државата и нејзиниот буџет, така и по луѓето.
Постигнатите успешни исчекори, одлепувањето од европското дно во овој домен, колку што беше институционален упех во иста мера беше успех и на сите наши пациентски здруженија обединети во намерата да ги промениме состојбите на подобро. Но и уште повеќе од тоа: станува збор за желба да креираме концепт кој што ќе овозможи натамошно подобрување на сите сегменти клучни во борбата против дијабетесот и ефикасното справување со него.
Убеден сум дека сите разбравме оти меѓусебната комуникација и транспарентност, соработката и солидарноста, која патем речено е препознатлив белег и симбол на сите нас обединети пациентските здруженија, се есенцијалните полуги кои што можат да изнедрад идеи, проекти, добри резултати.
Кога ова го говорам не мислам само на стратешкиот развој во смисол на веќе изготвената квалитетна Национална стратегија за борба против дијабетесот, туку и на оперативното имплементирање на ситенеопходни механизми што од неа произлегуваат од страна на сите инволвирани чинители.
Очекуваме, се разбира, и тоа во континуитетот обезбедување на современата анти дијабетична терапија, нои на се она што претставува научно-медицински новитет и дострел во третманот на дијабетесот почнувајќи со системите за континуирано следење на гликемијата па ди разните други техничко-медицински помагала, со тенденција за нивна уште поширока достапност за поголем број на пациенти. Примерот и искуството на земјите во Европа и секако во нашето блиско опкружување зборуваат дека отворен пазар можеби е решение кое е поповолно и за пациентите и за здравствените власти особено во контекст на претходните дури стресни искуства од аспект на пациенти – на тендери кои се оргнизираат секоја година или на две години. Да си поставиме цел заедно: сериозно да размислиме за оваа можност – отворен пазар.
Конечно, како дополнителна илустрација – ако го погледнеме искуството на земјите околу нас, лентите, ланцетите и апаратите за глукозен мониторинг се обезбдеуваат по принцип на рефрентна цена. Дали може да се движиме и ние како земја во таа насока? Имплементацијата на ваков принцип на достапност до медицински погагала би значело право на избор за нас.
Згора на тоа, а верувам дека сите ние овде тоа искуствено веќе го знаеме, факт е дека добриот менаџмент на дијабетесот не значи само современа терапија и современи медицински помагала. Неопходно е да бидеме и подобро едуцирани како пациенти, како институции, како јавност, за дијабетесот и сите аспекти од животот со него. Едукацијата и информирањето е дефинитивно поле на кое мора и треба да работиме.
Независно што заеднички направивме многу, факт е дека заеднички ни преостанува да направиме уште повеќе. Мотивот е голем, и пред се благороден.
Затоа дозволете ми сосема на крајот да истакнам дека она што ќе се направи сега ќе го одреди она што ќе биде утре. Лично сум убеден дека само преку целосна кооперативност и отвореност, ќе можеме да ги мобилизираме сите потенцијали и капацитети за да дојдеме до решенија од кои што сите ние ќе имаме подеднакво исклучителна полза: пациентите – реални шанси за квалитетен живот и се разбира просперитетен живот, а државата – заштеди од можните компликации и богатство во човечки ресурси.
Извор https://www.facebook.com/szdm.dijabetes