Од моментот кога ќе ви биде дијагностициран дијабетес тип 1, веројатно ќе се соочите со нешто што изгледа како бескрајна листа на нови задачи што треба да станат дел од секојдневниот живот – инјекции, мерење на гликемија, третирање на хипо, јадење здрава храна, избалансирана исхрана. Не е ни чудо што сето тоа може да изгледа застрашувачко.
Едно од вашите први прашања веројатно е „што можам да јадам и пијам? Но, со толку многу што треба да прифатите, сè уште, после прегледот со лекарот би можеле да излезете несигурни за одговорот.
Плус, има многу митови за дијабетесот и храната .
Што можам да јадам со тип 1?
Со еден збор… било што. Можеби е изненадување, но сите видови храна се во ред за луѓето со дијабетес тип 1. Не постои храна која е специјална за лица со дијабетес. Постои храна која се препорачува на секоја индивидуа, а тоа е здрава изхрана
Со пофлексибилни инсулински режими и употреба на инсулински пумпи, деновите на „да се прави и што не“ одамна поминаа. Начинот на кој треба да се оди во денешно време е да се обидете да го прилагодите вашиот третман за дијабетес на вашиот сегашен начин на живот. Но, за сите се препорачува истата здрава, избалансирана исхрана, која вклучува храна од сите главни групи.
Добра идеја е да вклучите некои јаглени хидрати во вашите оброци бидејќи, без јаглени хидрати, вашиот инсулин може да предизвика премногу ниско намалување на нивото на глукоза во крвта. Изберете поздрави јаглехидрати како што се интегрални житарки, овошје и зеленчук, мешунки, незасладен јогурт, јаткасти плодови и семиња.
Не постојат силни докази дека диетата со малку јаглени хидрати е безбедна или корисна за луѓето со дијабетес тип 1.
Која храна треба да ја избегнете?
Пред дијагнозата на дијабетес, веројатно е дека сте доживеале екстремна жед. Добра идеја е да избегнувате слатки пијалоци и овошни сокови за да да ја задоволите жедта. Тие обично, многу брзо го зголемуваат нивото на глукоза во крвта. Погодни се само за третман за хипо (ниско ниво на гликоза во крвта).
Наместо тоа, пијте вода. И чајот и кафето се во ред да се вклучат.
Не се замарајте со храната означена како „дијабетична“ или „погодна за дијабетичари“. Овие намирници содржат слични количества калории и масти, а тие можат да влијаат на нивото на глукоза во крвта. Тие се обично поскапи и можат да имаат лаксативно дејство. Држете се до вашата вообичаена храна.
Разбирање на јаглехидратите
Сите јаглехидрати влијаат на нивото на глукоза во крвта, а вкупната количина на јаглехидрати што ја внесувате ќе има најголем ефект врз нивото на глукоза во крвта.
Броењето јаглехидрати е навистина важно за да одржите стабилно ниво на глукоза во крвта . Ова значи усогласување на инсулинот со количината на јаглени хидрати што ги јадете и пиете.
Потребно е време и напор, но штом ќе го постигнете тоа, броењето јаглехидрати може да доведе до подобра контрола на глукоза во крвта. Исто така, ви дава поголем избор кога – и колку – јадете. Можете да уживате во специјални прилики со правење промени во дозите на инсулин.
Можеби ќе треба да изгубите, да ја зголемите или да ја одржите вашата тежина, но важно е да направите поздрав избор на храна додека го правите тоа.
Дополнителна едукација може да ви помогне да управувате со количината на јаглени хидрати што ги јадете и инсулинот што го земате за да помогнете во контролата на нивото на глукоза во крвта.
Има многу да се научи за дијабетес тип 1. И знаењето за дијабетесот е клучно за управување со вашиот дијабетес. Може да бара одредена посветеност, но, на долг рок, работите стануваат многу полесни.
Како да уживате во здрава диета за дијабетес тип 1
Не постои такво нешто како „ диета за лица со дијабетес“ за тип 1. Вашата исхрана треба да вклучува правење поздрави избори на храна кои се со помала содржина на заситени масти, шеќер и сол.
Со правилна избалансирана исхрана ќе ги контролирате мастите во крвта, ќе го контролирате крвниот притисок. Ќе одржите здрава тежина.
Ова исто така може да помогне да се намали ризикот од компликации од дијабетес, вклучувајќи срцеви заболувања, ретинопатија, нефропатија итн. Како и со секоја промена на животниот стил, правењето постепени и реални промени во подолг временски период е поверојатно да доведе до успех. Посетете регистриран диететичар за конкретни совети и план за исхрана кој е прилагоден на вашите индивидуални потреби и начин на живот.
Вашата исхрана и инсулин
Ако користите базален болус режим на инсулин, инјектирање неколку пати на ден или сте на инсулинска пумпа, тогаш можно е да бидете многу пофлексибилни во тоа колку јаглехидрати можете да јадете и кога.
Повеќето луѓе кои го следат овој режим ќе ги бројат јаглехидратите што ги јадат и пијат, а потоа ќе пресметаат колку инсулин треба да земат. Количината на инсулин ќе се прилагоди во зависност од тоа колку јаглехидрати јадат и други фактори, како физичка активност, нивоа на глукоза во крвта или болест.
Ова може да ви овозможи да бидете пофлексибилни со изборот на храна и времето на оброци, без да ја загрозите контролата на гликозата во крвта.
Ако сте на фиксен режим на инсулин два пати на ден, треба да имате редовни оброци и да јадете приближно ист дел со јаглени хидрати во овие оброци од ден на ден.
Повеќе јаглехидрати од вообичаено може да предизвикаат превисоко ниво на глукоза во крвта. Спротивно на тоа, јадењето помалку јаглехидрати од вообичаеното може да предизвика хипо.
Што можам да јадам за појадок, ручек и вечера?
Што јадете обично? Ако одговорот вклучува малку јаглени хидрати во секој оброк, тогаш навистина нема што да размислите повеќе – но обидете се да одберете поздрави опции за јаглени хидрати и бидете свесни за големината на вашите порции.
Обидете се да јадете пет порции зеленчук и 1-2 порвии овошје дневно со тоа што ќе ги вклучите за време на оброците и заменете ги јаглехидратите како што се бел леб, бел ориз и високо-преработени житарки, со интегрални производи.
Можете да ги проверите етикетите на храната кога барате храна богата со растителни влакна ако не сте сигурни. Научете како да ги разберете етикетите на храната.
Ако не знаете што да изберете, изберете една од овие:
Појадок
Вафла со овес
Палачинки со овес и со веган чоколаден крем (авокадо и банана)
Интегрален леб, варено јајце, домат, пиперка краставица маслинки
Јогурт, семиња и овошје
Тост со интегрален леб
Ручек
Супа од домати
Салата од наут и туна
Здрава супа како што е супа од карфиол и праз, во комбинација со крцкави лебови од цели зрна/рж
Лосос и брокула
Карфиол, сладок компир, киноа со јогурт и ким
Вечера
Лазања и салата
Печено пилешко со компири и зеленчук
Риба, компир салата
Пилешки тортиљи и салата
Здрави закуски/ужини за дијабетес тип 1
Понекогаш, можеби ќе треба да јадете мала закуска помеѓу оброците, за да го одржите нивото на гликоза во крвта. Редовните закуски може да го отежнат одржувањето на здрава тежина, затоа проверете кај тимот за дијабетес за конкретни совети што се прилагодени за управување со дијабетесот.
Најздравиот избор на закуски се незасладените јогурти, несолените јаткасти плодови, семките, овошјето и зеленчукот. Но, сепак внимавајте на вашите порции – тоа ќе ви помогне да внимавате на вашата тежина.
Извор https://www.diabetes.org.uk/guide-to-diabetes/enjoy-food/eating-with-diabetes/i-have-type-1-diabetes