Едукација на лица со дијабетес во болнички услови

386

Дијабетес мелитус е состојба која често ја карактеризираат бројни акутни и хронични компликации. И покрај значајниот напредок во лекувањето, особено во последните две децении, сепак дијабетесот до денес е една од главните причини за слепило, ампутација, бубрежна слабост и срцеви заболувања.

На прашањето дали компликациите можат да бидат превенирани, единствениот одговор “лежи” во едукацијата која има главна улога во превенцијата на оваа за жал, доживотна хронична состојба.

Едукацијата во болнички услови може да обезбеди одлични резултати, затоа што секогаш ја спроведуваат лица кои имаат големо познавање од оваа состојба, најчесто медицински сестри инволвирани во третманот и целокупната нега на лица со дијабетес. Едукациите се спроведуваат во училници наменети за ваков тип на предавање, дополнително опремени со нагледни средства. Во вакви услови пациентите можат да следат курс кој што станува интегрален дел од нивниот третман.

Програмата за едукација може да биде формализирана и презентирана групно, за повеќе пациенти или пак, поединечна – еден на еден.

Стадиуми на едукација

Едукацијата кај луѓето со дијабетес е процес кој се одвива континуирано и без прекин, но постојат одредени стадиуми во прогресија на едукација.

Едукација при поставување на дијагноза, како што навестува и името, се спроведува кај лица со новооткриен дијабетес во болнички услови. Покрај медикаментозниот третман, тие треба да се стекнат со минимум знаење кое е потребно за самостојно справување со болеста. За да можат да го регулираат својот дијабетес додека ги извршуваат своите активности, лицата со дијабетес треба да се запознаат со правилната исхрана и нивните дневни потреби на оброци.

Во овој период пациентите треба да се едуцираат самостојно да мерат гликемија од капиларна крв, а оние кои ќе бидат поставени на инсулинска терапија да знаат самостојно да инјектираат инсулин.

Оваа иницијална едукација која се спроведува на почетокот на болеста треба во неколку етапи, а додека трае хоспитализацијата, да биде совладана токму во деновите за време болничкиот престој на пациентот. Тука е особено важна улогата на медицинската сестра – едукатор.

edukacija-kocka

По поставување на првичната дијагноза, кај пациентите често може да се забележи намалена самодоверба, чувството на инфериорност, слабост, страв, шок. Токму затоа медицинската сестра – едукатор, треба да направи “паметна стратегија” и план за успешно спроведување на едукацијата во болнички услови.

При подготовка на план за едукација од страна на медицинската сестра зависат повеќе фактори:

  • Дали кај пациентот е поставена дијагноза ДМТ1 или ДМТ2
  • Дали самостојно ќе се справува со дијабетесот, дали е во состојба за самостојна грижа или дополнително треба да се едуцира и друго лице, најчесто сопружник или дете
  • Ако станува збор за малолетно дете, секогаш треба во едукација и вклучување на родител/старател

Она пак што е особено важно и треба да се истакне е дека скоро секогаш кај новооткриен дијабетес се соочуваме со пациент во шок и во овој стадиум треба да се едуцира само за тоа што е неопходно (мерење гликемија, аплицирање инсулин, основни принципи на исхрана), а за пациентот да може првично самостојно да се справува со состојбата.

За нас како едукатори лесно е да бидеме активни и да ги “преплавиме” пациентите со информации. Она што е клучно кај едукацијата е да му се даде и на пациентот можност да ја искористи информацијата. На пример, кога зборуваме за диететски принципи, на пациентот треба да му се дадат примери, во одредени околности како тој би постапил и би реагирал во дадената ситуација.

Сестрата едукатор треба да направи правилна проценка дали пациентот знае и ќе може да се носи со состојбата надвор од медицинската установа, болница, дали има потреба да учи понатака, дали пројавува самостојна желба да се доедуцира за неговата состојба. Само преку размена на информации преку разговор сестра – пациент може да се направи правилен увид до кој степен се совладани препораките, да се укаже на евентуалните грешки, но и на позитивности во однесувањето кон болеста.

Од наведеното произлегува дека едукацијата не е само концепт за пренесување на знаење и умешност, туку има и важна улога во прифаќањето и градењето на нов и правилен став кон дијабетесот. Правилно пласирана, треба да е мотивација пациентот да ја преземе контролата врз своето здравје.

До сега искуството многу пати докажало дека преку едукацијата се подобрува здравјето и квалитетот на живот, се превенираат и намалуваат акутните и хроничните компликации, а со тоа се намалуваат трошоците за лекување на дијабетесот.
Дипл. мед. сестра Јулијана Атанасовска

Главна сестра и едукатор при Клиника за ендокринологија и болести на метаболизам, Скопје
Извор https://insulinskaporta.mk/edukacija-dijabetes-bolnicki-uslovi/?fbclid=IwAR1c9JF2s7haKSwOdNocihX8Z7ZYMQTcvJ6waZOrnPt2WspctYqk7I27Suo