ЈАГЛЕХИДРАТНА ОСЕТЛИВОСТ – ТРЕТИРАЊЕ НА ХИПОГЛИКЕМИЈА

2503

 

Подготвил: Марјан Божиновски

Оваа мерка ни кажува за колку mmol/L ќе се зголеми гликемијата ако се внесе 1 грам јаглехидрати. Односно, ни кажува колку гликемијата е осетлива на внесените јаглехидрати за одреден организам. Зошто е важна? – За третирање на хипогликемија. И не само тоа. Многу интересен и важен податок е дека јаглехидратно-инсулинскиот однос е математички количник од инсулинската осетливост и јаглехидратната осетливост.

Да ја означиме со скратеницата ЈХО. Се мери во [mmol/L/g].

Сега нè интересира како да си ја дознаеме (ако сè уште не ја знаеме) сопствената јаглехидратна осетливост.

 Приближно одредување на сопствената јаглехидратна осетливост според телесната маса

Општо правило е дека колку вашата телесна маса е поголема, толку повеќе јаглехидрати се потребни за да се подигне гликемијата. Потсетете се дека гликемијата претставува густина на гликозата во крвните садови, односно шеќерна маса во единица крвен волумен. Кај поголемите (потешки) луѓе, волуменот на крвните садови е поголем и затоа за иста количина на гликоза изразена во милиграми, тие имаат помала густина на гликозата (т.е. гликемија) отколку помали (полесни) луѓе. Природно, 1 грам внесен јаглехидрат ќе ја зголеми гликемијата на дете повеќе отколку на возрасен човек. За среќа, постои табела која покажува колкава е приближно јаглехидратната осетливост за различни телесни маси (https://diatribe.org/issues/55/thinking-like-a-pancreas).

Телесна маса (kg) Еден грам јаглехидрати ја покачува гликемијата за
<28 0,33-0,55 mmol/L
29-47 0,28 mmol/L
48-76 0,22 mmol/L
77-105 0,17 mmol/L
>105 0,05-0,11 mmol/L

 

 Индиректно одредување преку претходно познавање на јаглехидратно-инсулинскиот однос и инсулинската осетливост

Јаглехидратно-инсулинскиот однос е мерка која ни кажува колку грама јаглехидрати се асимилираат со една инсулинска единица. Оваа величина е важна кога треба да одредиме колку единици болусен инсулин ни се потребни за изброените јаглехидрати при оброк. Да ја означиме со ЈХИ. Се мери во [g/IU], каде што IU означува инсулинска единица.

Инсулинската осетливост е мерка која ни кажува за колку mmol/L ќе падне гликемијата при внесена една инсулинска единица. Оваа величина е важна кога треба да одредиме колку инсулински единици болус за корекција треба да внесеме за да ја спуштиме гликемијата до одредено ниво. Да ја означиме со ИО. Се мери во [mmol/L/IU].

И конечно доаѓаме до најважната формула која ги поврзува сите три величини. Не се секирајте, не е виша математика.

ЈХИ = ИО/ЈХО

Со зборови, јаглехидратно-инсулинскиот однос е математички количник од инсулинската осетливост и јаглехидратната осетливост.

Се разбира, оваа формула има и алтернативнa формa:

ЈХО = ИО/ЈХИ

Со зборови, јаглехидратната осетливост е математички количник од инсулинската осетливост и јаглехидратно-инсулинскиот однос.

Пример:

Дете со Тип1 дијабет ги има следните вредности во даден момент:

ИО = 6 [mmol/L/IU]

ЈХИ = 16 [g/IU]

ЈХО = ИО/ЈХИ = 6/16 = 0.375 [mmol/L/g].

 

 Третирање на хипогликемија познавајќи ја сопствената јаглехидратна осетливост

Колку пониска ви е гликемијата, толку повеќе јаглехидрати ви се потребни за да ја покачите. Исто така, колку ви е пониска јаглехидратната осетливост, толку повеќе јаглехидрати ви се потребни за да ја покачите гликемијата.

На пример, ако моменталната гликемија ви е 3,3 mmol/L и ако вашата јаглехидратна осетливост е 0,22 mmol/L/g, а сакате да ја подигнете гликемијата до 5.5 mmol/L, тогаш потребни ви се (5.5 – 3.3)/0,22 = 10 грама јаглехидрати. Се разбира, за третирање на хипогликемија, порепорачливо е да внесете овошје со висок гликемиски индекс или сок што содржи сахароза. Овошјето содржи гликоза и ако има висок гликемиски индекс, брзо го подига крвниот шеќер

Следната табела покажува колку грама јаглехидрати треба да се внесат за различни телесни маси за третирање на различни нивоа на хипогликемии (https://diatribe.org/issues/55/thinking-like-a-pancreas):

Гликемија (mmol/L) 3,3-3,9 2,8-3,2 2,2-2,7 1,7-2,1 1,1-1,6
Телесна маса < 28 kg 9 g 11 g 13 g 15 g 17 g
29-47 kg 11 g 13 g 15 g 17 g 19 g
48-76 kg 14 g 16 g 19 g 21 g 24 g
77-105 kg 18 g 22 g 25 g 28 g 32 g
>105 kg 28 g 33 g 38 g 43 g 48 g